Жители на Ново Маало: Живееме како во 19 век во центарот на Скопје, со проектот ќе се реши проблемот

По многу реакции во јавноста за проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти „Холидеј Ин“, жителите на Ново Маало и луѓето кои си заминале од своите огништа поради немање нормални услови за живот, го изразија нивниот став преку претставникот Игор Стојанов и дадоа целосна поддршка на проектот, кој за првпат синоќа беше јавно промовиран.

„Ова го аргументираме пред сѐ, со тоа што повеќе децении многу семејства живеат во услови кои не ги задоволуваат стандардите на хумано домување, дотрајани куќи, нерешено греење, калдрма и кал до колена, место за одложување на отпад на сите што ќе навратат во центарот на градот.

Изразуваме жалење што голем дел од јавноста не го разбира ова бидејќи е лесно е да се зборува од комфорни станови.

Посочуваме дека со овој проект ќе се реши проблемот на многу семејства кои, за волја на вистината, сѐ уште живеат во субстандардни услови како да е 19 век или биле приморани да ги напуштат своите куќи.

Со компензацијата која ја добиваме и реализација на овој проект кој многу години беше заглавен во институционалните лавиринти, новомаалчани конечно имаат можност да добијат живеалишта достојни за 21 век.

Освен тоа, како директно засегната и добро информирана страна, сакаме да посочиме дека ова што го гледаме во медиумите и по социјалните мрежи, оние грди бетонски зданија апсолутно немаат никаква сличност со тоа што се планира.

Откако ќе се реализира проектот, овој дел на Скопје ќе има многу повеќе зеленило отколку што на оваа локација имало во последните 50 години. Скопје е главен град и репрезент на нашата држава кој мора да се развива по примерот на светските метрополи.

Веруваме дека јавноста кога ќе го види целиот проект во најголема мера и ќе го одобри, онака како што го одобруваме ние луѓето кои сме емотивно поврзани со Ново Маало, едно од најстарите скопски маала, а кое за жал иако е во срцето на градот претставува грда слика за една метропола“, се наведува во реакцијата на жителите од Ново Маало.