Повторно пред судот во Тетово граѓани се собраа на мирен јавен протест од кој побараа да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски, кој е еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница. Граѓаните го потенцираат ставот дека докторот бил на работа за да лекува луѓе, а не да презема обврски околу инфраструктурата на болницата.
– Првин грешката е во Обвинителство, докторот има обврска да ги лекува луѓето, а не да прави прием на модуларна болница, да проверува електрична инсталација, да провери дали панелите од бараките се огноотпорни или помалку запаливи, значи кривицата е дефинитивно кај тој што ја конструирал модуларната болница, а не докторот, кој 24 часа беше достапен на сите граѓани од Тетово и пошироко. Ако сакаат да го поправат процентот на доверба во судството, кое моментално е најниско во државава, тогаш нека размислат за пресудата, рече присутен граѓанин.
Граѓаните кои редовно доаѓаат на овие протести кога се одржува судскиот процес потсетија дека докторот за време на пандемијата со Ковид-19 е тој што совесно ја извршувал својата работа и на многу луѓе им помогнал да ја пребродат болеста.
– Да донесе ослободителна пресуда за докторот да не доаѓа по овие судници. На него му е местото да биде со пациентите. Затоа за жал во нашава држава, најдобрите, најхумани доктори ќе ни ја напуштаат земјава и ќе нема кој да не лекува. Овој доктор треба да биде награден, а не да доаѓа овде во судниците. Затоа што нема никаква вина, тој колку може помагал и сè уште помага на пациентите. Значи, ова е нанесена неправда, за жал, треба да се награди, а не да доаѓа овде да го губи времето. Него го чекаа пациенти на кои им пружаа што е можно најголема помош и спасува многу народ, изјави една жена присутна на протестот.
За пожарот во модуларната болница поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товараат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Клиничката болница како правно лице товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.