Жителите на Кисела Вода повторно добиваат кино

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и м-р Михаела Ѓорчева, основач на единствениот македонски ланец на кина, “Киноверзум” денес потпишаа договор, преку кој и официјално се става во употреба киното во возобновениот Дом на култура “Билјана Беличанец”. Во кино салата опремена со најнова технологија, секојдневно ќе се проектираат најнови филмски достигнувања и љубителите на филмската уметност од сите генераци ќе можат заеднички да оживеат ново поглавје во културниот живот на Општина Кисела Вода.

-Денес ставаме потпис на еден значаен документ, на договор кој е круна на сета наша досегашна работа во Домот на култура “Билјана Беличанец”. Од денес Кисела Вода повторно има кино каде нашите жители ќе можат да ги следат најновите филмски достигнувања и светски филмски хитови. Во изминатиот период интензивно работевме на темелна обнова на овој објект кој е изграден во 1959 година и ги живеел своите најдобри денови се до 90-тите години на минатиот век кога негрижата го довела до непрепознатливост. Целосно руиниран, веќе не можел ни да се користи. Со средства од Министерството за култура и Општина Кисела Вода, во 2015 година објектот беше обновен, но повторно поради неодржување, мораше да се санира. Со потпишувањето на договорот со “Киноверзум”, Општина Кисела Вода станува дел од единствениот македонски ланец на кина, а Домот на култура “Билјана Беличанец” започнува ново културно поглавје во своето постоење. За да гледаат филм, некоја премиера, светско достигнување во филмската кинематографија, жителите на општина Кисела Вода повеќе не мораат да одат во друг дел на градот. Културата сега е достапна во близина на нивните домови-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода

-Отворањето на нашата четврта кино сала во Кисела Вода за нас претставува уште еден чекор кон реализацијата на нашата мисија за промовирање на културата и филмската уметност во целата земја. Речиси 5 години посветено работиме за развојот на културниот живот во локалните заедници, што може да го потврди нашата публика во Св. Николе, Штип и Велес. Верувам дека Киноверзум ќе придонесе кон збогатувањето на културната понуда во Кисела Вода, нудејќи му на локалното население пристап до најновите филмови од светската филмска сцена во современ и удобен амбиент. Со секоја нова локација се трудиме да внесеме уникатност и креативност во нашата работа, креирајќи филмска програма која ќе ги инспирира и едуцира гледачите, но истовремено и ќе ги забавува. Ова е значаен момент за нас како тим и нè приближува кон нашата цел да бидеме мост помеѓу светската филмска индустрија и љубителите на филмот-изјави м-р Михаела Ѓорчева, основач на “Киноверзум”.

Општина Кисела Вода

“Киноверзум” е основан во 2019 година како единствено универзитетско кино во земјава и е дел од Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе. Досега има речиси 400 прикажани филмови и околу 5000 реализирани проекции, потврдувајќи ја својата мисија за инспиративни промени во културниот живот на регионите во кои работи. Месецов ќе има 8 нови филмови кои ќе бидат достапни и за публиката во Киноверзум во Кисела Вода. Првата проекција во Домот на култура “Билјана Беличанец” се очекува кон средината од месецов.