Жителите на Влае не сакаат промена на улицата Есперанто и градење 11-катница на нејзино место

Жителите на Влае, собрани под иницијативата „Борба за Влае“, се обидуваат да ја задржат улицата северно од основното училиште Димо Хаџи Димов во својата моментална состојба. Загрижени се од активностите на Општина Карпош за носење нов урбанистички проект за улиците Есперанто и Ангел Динев во Влае 2, токму околу основното училиште.

Овој урбанистички проект би ѝ овозможил на општината да отпочне со работа на терен без претходно изгласување на предлог деталниот урбанистички план од страна на советниците во општината.

Жителите се дополнително загрижени што по промената на трасата на овие улици ќе се одземе дел од училишнниот двор и ќе се ослободи простор за изградба на 11-катница на просторот на старата траса од улицата, кој е државно земјиште што лесно може да се искористи за окрупнување на градежната парцела на сопственикот на бараките кај Кино Влае.

Затоа тие ги покануваат градоначалниците и советниците на Општина Карпош и Град Скопје на средби за да ги слушнат нивните барања и да ги поддржат со своите ингеренции.

Барањата од Борба за Влае кон нив се следните:
1. Советниците на Град Скопје ги молат да предложат и гласаат повлекување на Регулациски план за ГУП за Четврт СЗ 19 во Скопје, одлука 27-1496/5 од 23.02.2021.

2.Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ја молат да побара од планерите кои работат на Генералниот урбанистички план за Скопје да се задржи постоечката траса на ул. Есперанто и да се ограничи домувањето во Влае 2 соодветно на инфраструктурата, без “линиски центри” кои го игнорираат капацитетот на инфраструктурата. Со тоа Општина Карпош ќе мора да ја почитува трасата на Есперанто и параметрите од повисоко ниво во идниот Детален урбанистички план за Влае 2 (Градска четврт СЗ 19).

3.Советниците на Општина Карпош ги молат да не гласаат за предлог ДУП-от во кој трасата на ул. Есперанто е исправена и минува до училиштето, а на нејзината стара траса се нацртани згради.
4.Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, го молат да го повлече барањето за Урбанистички проект за инфраструктура со намена Е1.1 – Сообраќајни инфраструктури, за Сервисна Улица „С5“ и дел од Сервисна Улица „С4“ од Регулациски план на ГУП за Градска Четврт СЗ 19, Блок СЗ 19.02, Општина Карпош до донесувањето на новиот ГУП на Град Скопје и ДУП за Градска Четврт СЗ 19.

За таа цел жителите на Влае прават собир на Плоштад Делфина во недела, 21.05.2023, од 12 часот на настанот „Средба за иднината на Влае“.

Поканети се сите кои се загрижени за иднината на населбата и градот, како и советниците и градоначалниците на Карпош и Скопје кои се избрани да го прават најдоброто за населбата, општината и градот.

Иницијатива Борба за Влае