Жители на повеќе западни земји последните седмици добиле пратки со разни семиња од Кина кои не ги порачале, пишува во неделата парискиот дневен весник Le Parisien, додавајќи дека досега не се познати точните причини за оваа појава.
Пратките пристигнуваат најчесто во Франција, САД, Канада, Велика Британија и Израел.
Француското министерство за земјоделство веќе предупреди дека овие семиња може да се носители на заболувања кај растенијата кои во моментов не се забележани во земјата. Ваквите семиња, исто така, може да припаѓаат на класата на инвазивни растенија, односно чиешто распространување и бројност претставуваат закана за животот или здравјето на граѓаните, зачувувањето на биолошката разновидност, како и да предизвикаат штети во одредени економски сектори.
Покрај тоа, француските власти апелираат до граѓаните кои добиваат вакви пратки да ги уништат семињата. Советуваат тие да се стават во пластична кеса и едноставно да се фрлат во контејнер со отпадоци, по што ќе бидат уништени со другото ѓубре.
Објавена е и адресата на една од службите на министерството за земјоделство, на којашто се препорачува да се испратат фотографии од пакетите и податоците за нивниот транспорт, за експерите да може да добијат повеќе информации за испраќачите. Истрагата за случајот ја води ветеринарната и фитосанитарна инспекција при француското министерство.
Според Le Parisien, во САД тамошната Инспекциска служба за здравјето на животните и растенијата при министертвото за земјоделство апелирала до граѓаните воопшто да не ги садат семињата добиени од Кина. Истовремено, таа известува дека испитувањата покажале дека главно станува збор за семиња од краставици, дињи, нане и цвеќиња.
Според американските експерти, ваквите пратки можеби се дел од промоциски акции на комерцијални интернет страници, чии сопственици имаат намера на овој начин да добијат позитивни повратни информации за работата на комерцијалната фирма, што е неопходно за зголемување на нејзиниот рејтинг и показател за комерцијалната перспектива. Ваквиот трик произлегува од фактот дека законот им овозможува на трговските компании да објавуваат одговори на веб-странците за интернет тргувањето само за производи кои се продаваат.
Како што пишува Le Parisien, кој го наведува мислењето на американското министерство за земјоделство, ваквата практика којашто во англосаксонското јазично подрачје се нарекува „brushing“ (четкање), во последно време често се користи во електронското тргување, и покрај фактот што е нелегална.