Повеќето го гледале филмот „Терминал“ со одличниот Том Хенкс. Инспирација за него била приказната за Мехран Карими Насери, вистинскиот „затвореник“, кој 18 години живеел на „Шарл де Гол“, аеродромот во Париз.
Неговото „искуство“ наскоро би можел да го надмине човек од другиот крај на светот. Кинезот Веи Џиангуо живее на аеродромот во Пекинг веќе 14 години. Не поради бирократија или правни проблеми, туку од сопствена желба, пишува LadBible.
„Не можам да си одам дома, бидејќи немам никакви слободи таму – изјави Веи пред кинеските медиуми. „Мојата сопруга живее со своите родители на околу 20 милји од аеродромот. Ме замолуваат да престанам да пушам цигари и да пијам алкохол, а ако не можам, тогаш да им ги дадам приходите. Но, ако им ги дадам парите, тогаш како ќе купам алкохол и цигари ?! – раскажува овој човек.
Секој ден му започнува исто. Од киоскот купува појадок, колачи, каша и мало шише силен алкохол. Така го убива времето и ги поминува деновите. Неколку пати обезбедувањето успеало да го извлече од аеродромот, но секогаш тој го наоѓал патот назад.
Има околу 60 години, а без работа е од својата 40-та година. Иако долго се обидувал да најде нова работа, поради годините, не успеал. Неговото семејство почнало да негодува и му било доста. Аеродромот одеднаш почнал да му изгледа примамливо, објави ChinaDaily.
Но, тој не е единствениот таму. Според работниците на аеродромот, во комплексот престојуваат уште неколку мажи како Веи. Некои се во рани 20-ти. Живеат од она што патниците им го купуваат и одбиваат да го напуштат аеродромот… Ова не е случај само во Кина. Има педесетина случаи во светот луѓе да живеат на аеродроми. Некои поради алкохол, цигари и внатрешен мир.