Живко Мукаетов уште четири години на чело на РФМ

Живко Мукаетов и следниве четири години ќе биде на чело од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), откако доверба доби од сите делегати на Изборното собрание, кое се одржа денеска.

Зад Мукаетов има два успешни мандати во кои го издигна ракометот како спорт број еден во нашата земја. Тој најави продолжување на таквиот тренд и дополнително вложување за подобрување на условите и успесите на нашите клубови и репрезентација.

„Сакам да се заблагодарам за довербата, за соработката во овие осум години. Сакам сите заедно да работиме со нови идеи да го кренеме македонскиот ракомет на едно уште повисоко ниво. Свесни сме за она што е добро, свесни сме и каде треба уште повеќе да напредуваме, ајде сите заедно да работиме за уште посветла иднина на македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов.

На Собранието на РФМ беше презентиран и финансискиот извештај за претходните 12 месеци, односно од февруари лани па досега.

РФМ на завршната сметка бележи приход од 75.720.943 милиони денари, а расходте изнесуваат 50.528.509 денари.

Финансиските расходи се направени на националните селекции, за редовните трошоци на канцеларијата на РФМ, за организацијата на Струшкиот турнир и организација на лигашки и куп натпревари.

Во секторот РФМ маркетинг, приходот пред оданочување изнесува 2.215.000 денари, расходите се 1.880.942 денари, па добивката пред оданочување е 331.058 денари или околу 5500 евра.