![Kreativa zivot 2021 MKD](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/05/Kreativa-zivot-2021-MKD.png?resize=696%2C696&ssl=1)
За прв пат во 16 годишното постоење на животното осигурување вложувањата на граѓани надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра) во 2021 година. За одбележување е и тоа што лани бројот на лица кои имаат осигурување се зголеми за 95 отсто во однос на претходната 2020 година. Во значајна мерка тој раст се должи на врзувањето на новоиздадени банкарски кредити со животно осигурување, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Оваа сума е рекордна, односно е највисоко годишно ниво на вложувања во животно осигурување од востановувањето на пазар за животно осигурување во 2005 година.
Повеќе од 260.000 граѓани имаат полиси за животно осигурување на крајот на 2021 година, а бројот на нови осигуреници е зголемен за 127.000 лица, односно за 95 отсто во споредба со 2020 година.
Вложувањата во животно осигурување лани се зголемени за 261 милиони денари (4,2 мил.евра) во однос 2020 година.
Од вкупните вложувања во животно осигурување лани над 1,6 милијарди денари (26 мил.евра) се инвестирани во класично осигурување живот кое опфаќа: ризик осигурување и осигурување со штедна компонента.
Најмногу се инвестира во осигурувањето со штедна компонента. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата. Повеќе од 50.000 осигуреници имаат вакво осигурување живот и во овој продукт годинава се вложени 1,27 милијарди денари или над 20 милиони евра.
Петте компании за осигурување живот во 2021 година исплатиле вкупно 595 милиони денари (9,7 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.