Претставникот на Синдикатот за градежници, Иван Пешевски, во своето гостување на ТВ 24 се осврна на последните измени на законот за работни односи кои се во процес на усвојување во Собранието на Република Македонија. Тој посочи дека измените на законот се противуставни и за тоа има одлука на Уставниот суд, а посебниот законот кој сега се носи ќе ги опфати сите работници, бидејќи секој може да се повика дека неговиот проект е од национален интерес.
Со сигурност ги уверувам сите гледачи дека ова повторно ќе падне на уставен суд, бидејќи нема горна граница на прекувремените часови, поинаку се изигрува законот за работни односи и дека ќе биде бетер законско решение од она што го оспорувавме на Уставен суд. Со ова законско решение ќе треба по 72 работни часа неделно да се работи, тоа ќе биде паѓање во несвест по градилиштата, жртви и затоа ќе имаме потреба да ги оспоруваме ваквите членови пред Уставен суд, рече Пешевски.
Тој истакна дека и досегашното законско решение воопшто не е лошо и со 40 часа работна недела, ако зголемиме двојно вработени истиот проект ќе се заврши во истиот рок за истата цена.
Согласност за толку прекувремени часови не смее да потпише никој. Самата согласност е противуставна. Правото на дневен, неделен и годишен одмор е уставно загарантирано од кое што не смее да се откаже вработениот. Со ваква согласност ќе направите нов систем на „банка саати“. Државниот инспекторат за труд нема доволен капацитет само секторот градежништво да го следи, а камоли сите останати.- дополни Пешевски и посочи дека голем дел од парите кои ќе се исплаќаат за прекувремена работа нема да влезат воопшто во домашниот пензиски фонд заради тоа што нема ангажман на домашни работници и капацитети.
Ниедна домашна компанија не е повикана од Бехтел и Енка да потпише договор како подизведувач, да земе ваква работа и тој работник да биде платен колку што кажува министерката за Труд и социјална политика. Ниеден! Рокот веќе тече, дали ќе се плаќаат пенали или не , не знаеме, и јас ве убедувам дека нема да ги возиме тие коридори за 5 години, само заради лоши владини политики, а не поради лоши работници. Владата го крие договорот и не ја дава работата на нашите, затоа што никој инспектор нема да влезе на тоа градилиште кога ќе ја земе работата Бехтел и Енка, заклучи Пешевски.