Зибери: Дигиталните учебници предизвикуваат дополнителен трошок за родителите, не се сите снабдени со соодветни уреди за квалитетно образование

Народниот правобранител Насер Зибери за „Анализа“ на ТВ 24 истакна дека констатирани се низа пропусти во образованието во Македонија, од немање на вода, немање на учебници, се до проблеми со интернет, електрична енергија и дигиталните учебници кои се воведоа оваа година за четвртоодделенците.

-Настанува проблем за следење на наставата на четвртоодделенците за кои се укинати учебниците во хартиена форма, туку се изведува настава со дигитални, а дигиталните учебници предизвикуваат дополнителен трошок за родителите затоа што постојните уреди немаат капацитет и меморија да ги користат тие содржини. Не сите домаќинства се снабдени со соодветни уреди за квалитетно ученикот да се вклучи во образовниот процес, рече Зибери.

Посочи дека минатата година тие извршиле истражување во кое биле констатирани низа проблеми.

„Училиштата се соочуваат со недостаток на хигиенски и дезинфекциски средства во време на пандемија, честопати родителите ги покриваат тие трошоци, иако тоа е должност на општините и училиштата. Има безброј рурални училишта кои немаат ни вода за пиење, проблем со снабдување на учебници. Ние минатата година извршивме истражување и констатиравме низа проблеми. Како што е капацитет и квалитет на интернетот, снабдување со електрична енергија, уреди за следење на настава“, истакна Зибери.

Во однос на изјавата на министерката Мила Царовска дека учебниците треба да печатат учебници каде ги нема доволно, тој рече дека тоа е недозволиво да се каже од член на влада, бидејќи учебниците подлежат под авторски права.