Зибери: Пописот е значаен, но здравјето на граѓаните треба да биде на прво место

Новиот Народен правобранител, Насер Зибери во интервју за Сител телевизија, рече дека претставките кои ќе дојдат од граѓани кои ќе бидат казнети зашто поради страв од коронавирусот нема да ги примат попишувачите дома ќе бидат анализирани.

-Ќе ги истражувани сите елементи на претставката и доколку бидат основани, истите ќе се процесуираат. Но, дозволете да ми кажам нешто друго кога е пописот во прашање. Перманентно сум бил поборник на ставот оти здравјето на граѓаните, општата здравствена состојба во земјата треба да биде на прво место. Затоа оваа многу значајна статистичка активност е потребна, но не може да биде над прашањето на здравјето на луѓето, рече Зибери.

Вели дека доколку епидемиолошката слика се влошува, надлежните органи треба да размислуваат за промена на времето за одржување на пописот за граѓаните да не се доведат граѓаните во ситуација да не отворат врата за попишувачите.

-После здравјето на граѓаните, од витално значење е пописот да биде објективен, точен и да не биде политизиран. За жал во овој процес досега ги имавме речиси сите елементи дека се оди во насока на политизација на една статистичка операција која треба да биде навистина точна, објективна и која треба да биде целосно изведена, вели Зибери.