Тренерот на мадридски „Реал“, Зинедин Зидан на прес-конференција објави дека го напушта клубот по 2,5 години поминати на кормилото на „кралевите“.
Знам дека ова е неочекуван момент за заминување, но овој тим мора да продолжи да победува, и треба нова методологија на работа и всупност, нов тренер на клупата. По три години нешто треба да се менува, некоја нова порака. Затоа донесов ваква одлука, објасни Зидан.
Шокот за мадриѓаните доаѓа неколку дена по освојувањето на новата европска круна, но и проблемите со даночната пријава за Кристијано Роналдо и трансферот на Герет Бејл. Французинот по вчерашниот состанок со претседателот Флорентино Перез ја донел одлуката да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
Перез, кој беше присутен на прес-конференцијата, изрази жалење за одлуката на Зидан.
Ова е неочекувана одлука за мене. Ова е многу тажен ден, го сакав Зидан како човек, како тренер и како играч. Многу ме растажи кога вчера ми ја соопшти оваа одлука. Се обидов да го разубедам, но знам каков е. Реал Мадрид засекогаш ќе биде неговиот дом. Навистина не бев подготвен за вакви вести. Би сакал да му се заблагодарам за се што направи за Реал Мадрид и за сета љубов и жртва која му ја даде на клубот. Се надевам дека ќе се видиме повторно тука и дека пак еден ден ќе работиме заедно, изјави Перез.
Зинедин Зидан ќе остане запаметен како еден од најтрофејните тренери во историјата на овој клуб. Тој дојде на клупата на Реал на местото на Рафа Бенитез во јануари 2016 година и три сезони по ред го водеше „кралскиот клуб“ до трофејот во Лигата на шампионите, а освои и два пехари на клупските мундијали и од Супер-купот на Европа, како и една титула шампион на Шпанија.