Жители на Тимјаник, Неготино, не сакаат деца со посебни потреби да бидат сместени во нивната околина. Откако од Министерството за труд и социјална политика најавија дека утре, понеделник, три деца со посебни потреби од Специјалниот завод Демир Капија ќе бидат сместени во мал групен дом во Неготино, а потоа до крајот на месецот, четири деца од заводот ќе бидат сместени во мал групен дом и во село Тимјаник, дел од жителите организираа протест против оваа одлука.
Стотина жители од селото, но и од Неготино, во петокот излегоа на протест и го блокираа патот Тимјаник – Дисан во траење од еден час, во знак на револт на одлуката на министерството. Нивните образложенија се дека немаат ништо против децата со попреченост, но наводно, приоритет им е да се отвори детска градинка во селото, наместо групни домови.
Исто така, коментираат дека објектот кој се наоѓа на среде село не е најпогоден за таква намена. Сепак, помеѓу револтираните селани, има и такви кои велат дека првично се плашат од децата кои ќе бидат доселени, и се загрижени за безбедноста на своите деца. Најавуваат уште протести во иднина. Предрасуди, страв од непознатото, но и отсуство на сочувство кон овие деца е генералниот впечаток од реакциите на жителите на Тимјаник.
Нема никаква причина за страв, бидејќи, конкретно во Тимјаник треба да се доселат четири деца на возраст од 12 до 17 години, кои сега се сместени во заводот. Станува збор за деца кои не се агресивни и кои и во Тимјаник, во групниот дом ќе имаат 24 часовен надзор од стручни лица. Објектот во кој ќе бидат сместени е државен, имаме сознанија дека во минатото било планирано да се намени како дневен клуб за стари лица, но никогаш како таков не профункционирал. Значи, не било планирано истиот да се пренамени во детска градинка. Децата постојано ќе имаат придружба. Имаат интелектуална и комбинирана попреченост, значи дел од нив не можат да се движат и се во колички. Станува збор буквално за деца кои се безопасни и кои заслужуваат шанса за подобар живот – тврдат од министерството.
Утре, во Неготино ќе бидат донесени трите деца од заводот, кои ќе бидат сместени во државен објект, познат како старата зграда на социјалната служба.Станува збор за деца на возраст од 10 до 16 години, од кои дури две се во количка.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска заедно со претставници на министерството ќе биде присутна во градот. Од министерството ни изјавија дека ќе отидат и во Тимјаник, на средба со загрижените жители каде ќе можат отворено да разговараат за сите прашања.
Жителите на Тимјаник, јавно повикаа на масовност за време на средбата, со цел да и кажат на министерката дека се против одлуката за доселување на децата, како што потенцираат, во интерес на иднината на нивните деца. На социјалните групи посветени на општината, деновиве се води вистинска војна по повод ова прашање. Додека дел од граѓаните не сакаат да слушнат да имаат во својата близина деца со посебни потреби, дел пак, се прашуваат каде се човечноста и хуманоста во нашето општество.
Колку многу предрасуди кон невини дечиња со посебни потреби. Многу е лошо да судите за нешто што го немате почувствувано на сопствена кожа. Каде ви е душата, како се чувствуваат моментално родителите на такви деца додека го читаат ова – ги прашува сограѓаните жена, на една од страниците каде се пишува на темава.