Жителите на Кисела Вода собраа над 4 тони е-отпад

Жителите на Кисела Вода собраа над 4 тони е-отпад
Жителите на Кисела Вода собраа над 4 тони е-отпад
Жителите на општина Кисела Вода, изминатиот месец и пол носејќи ги своите стари и неупотребливи мали и големи електрични апарати, компјутери и компјутерска опрема, телевизори, видео рекордери, музички системи, електрични алатки, собраа 4.240 килограми е-отпад.

Со тоа заврши првиот дел од еколошката акција за собирање електронски и електричен отпад од сите месни и урбани заедници во општина Кисела Вода. Организатори се општина Кисела Вода и Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“.

Најуспешна во количината на собран електронски и електричен отпад е урбаната заедница Кисела Вода, со 780 килограми штетен е-отпад.

Жителите како награда добија вредносни ваучери од „Техномаркет“, а отпадот беше преземен, соодветно селектиран и на крај рециклиран од „Нула отпад”.

Во знак на успешно завршената акција, вчера се одржа концерт во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода. Услов за влез беше минимум две потрошени батерии.

Еколошката акција во Скопје почна од општина Кисела Вода, а се реализираше преку Секторот за локален економски развој согласно потпишаниот Договор за соработка со компанијата „Нула отпад“ која ги поседува законските лиценци за управување со електронскиот и електричен отпад.

Општина Кисела Вода ги известува жителите дека акцијата продолжува. Доколку се уште поседуваат електронски отпад, можат да се јават во општина Кисела Вода или директно до компанијата „Нула отпад“.