Поранешниот српски разузнавач Горан Живаљевиќ тврди дека по налог на официјален Белград и по претходна координација со српската амбасадорка во Скопје, Душанка Дивјак Томиќ, вечерта на 27-ти април, влегол во македонското Собрание.
Во синоќешното интервју за српската емисија „Кирилица“, поранешниот советник во српската амбасада во Македонија, и офицер во српската Безбедносно – информативната агенција, спротивно на досегашното негово тврдење и обвинување за вмешаноста на македонските власти, призна дека по претходна координација со официјален Белград и без одобрение на надлежен орган влегол во македонското собрание, за време на нередите на 27 април.
„Во тој момент, демонстрациите траеја 57 дена. Кобната вечер седев дома, не следев ниту телевизија, и не знаев што се случува надвор. Во 6.30 ми се јави нашата амбасадаорка Душанка Дивјак Томиќ и ми јави за упадот на народот во Собранието. Веднаш го известив Белград за нередите. Потоа од 6.30 до 19 часот, нападот врз пратениците го следев од дома. Се начитав разни наслови дека јас сум ги предводел нередите, но тоа лесно се проверува“, објаснува Живаљевиќ во емисијата.
Живаљевиќ кој претходно тврдеше дека советникот за национална безбедност на претседателот Иванов му дал дозвола за влез во Собранието, сега го открива обратното, дека всушност тој го информирал Синиша Алексовски за неговото присуство во законодавниот дом.
Според зборовите на Живаљевиќ, околу 19 часот добил повик од Белград во кој му се наговестувал проширување на судирите од страна на навивачка група од Србија, и дека треба да ги лоцира и спречи, и за тоа да ги информира македонските служби.
„Во тој момент се сетив дека имам фотографии од некои криминалци од Србија, кои можеби ќе ми помогнат во препознавањето. Заминувам во амбасадата, тука губам уште половина час. Пред Собранието на Македонија стигнав околу 20:00 часот. Се врткав таму, фотографирав неколку фотографии и одлучив да го известам Советникот за безбедност на претседателот на Македонија, господин Синиша Алексовски, за можен напад од српски навивачки групи. Во Собранието влегов во 20:20, а претепувањето на Заев и неговите пратеници се случи во 18:45“, вели Живаљевиќ.
По скандалот со српскиот разузнавач, и српскиот претседател Александар Вучиќ, застанувајќи во негова одбрана, изјави дека Живаљевиќ влегол во Собранието со дозвола од македонските власти.
Изјавата на српскиот разузнавач, тогаш ја демантираше Кабинетот на македонскиот претседател кој во писмена реакција потврди дека тие не се надлежни, ниту овластени да дадат дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието на Република Македонија. Живаљевиќ го демантираше и советникот на македонскиот претседател, Синиша Алексовски, кој изјави дека ги нема овластувањата за кои го обвинува српскиот разузнавач и дека Живаљевиќ го злоупотребил со цел да го оправда неговото неовластено и непрофесионално однесување, спротивно на законите во Република Македонија.