
За само три месеци и силно инсистирање, како и работа на надлежните институции добиена е дозволата за извоз на јајца со што се остварува уште едно дадено ветување.
Сопственикот на „Везешари“ Арбен Абдурахмани кој е на службено патување во Албанија во телефонската изјава вели дека е изненаден од брзата и ефикасна реакција.
-Тоа за државата значи многу и за нас производителите на јајца и на живинско месо затоа што досега ние бевме затворена држава, неможевме ниту транзит да одиме преку Европска Унија. Благодарение на Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство не ни е отворен само транзит, туку и извоз и пласман во ЕУ, вели Абдурахмани.
Сопственикот на компанијата смета дека сега оваа гранка повеќе ќе се развива и многу брзо ќе се отвораат работни места.
-Сите фабри се спремаат, најголем дел од фармите се подготвуваат да ја обноват својата технологија и да го зголемат производството. Една од тие сме ние, додава Абдурахмани.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски вели дека досега македонските јајцепроизводители можеле производите да ги пласираат само на домашниот пазар и на пазарот во државите околу Македонија. Со цел надминување на проблемот биле организирани заеднички состаноци.
-По видувањето на проблемите кои се однесуваа со извозот и транзитот, како Агенција веднаш преземавме мерки со цел во најбрз можен рок да издејствуваме Македонија да биде ставена во регулативата како земја која ќе може да врши извоз и транзит на јајца во Европската Унија. По неколку месеци од нашето ангажирање добивме дозвола за извоз и на 7-ми јануари беше објавена регулатива каде беше вклучена Република Македонија, вели Поповски.
Тој додава дека реакциите веќе се позитивни, бидејќи проблемите се надминати.
-Вкупно во Република Македонија има 110 живинарски фарми од кои десетина се поголеми со над 50.000 дневно производство на јајца. Со можноста за извоз и транзит низ ЕУ нема да очекуваат суфицит на нивните производи и ќе работат со позитивен биланс, додава Поповски.