Животот поскапе, граѓаните на работ на егзистенцијата

Трошоците на живот во јануари годинава споредено со јануари минатата година се зголемени за 1,1 процент, а цените на мало за 2,3 процента. Во јануари годинава во однос на декември минатата година трошоците на живот се намалени за 0,4 отсто, а цените на мало за 0,1 отсто.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат пораст на трошоците на животот во јануари година, во споредба со претходниот месец кај свежото и разладеното овошје за 2,6 проценти, рибата и морските плодови за 1,3 проценти и јајцата за 0,3 проценти.

Зголемувањето на трошоците значи дека граѓаните треба да издвојуваат повеќе пари за купување на истите производи кои биле дел од нивната основна потрошувачка кошничка.

Со покачувањето на акцизата која директно удри по џебот на граѓаните покачувањето на цените на производите се очекуваше поради спиралниот ефект кој го има покачувањето на нафтата. Голем број на експерти предупредуваа на ова и истакнаа дека на крајот на 2018 значително повеќе ќе се почувствуваат поскапувањата кои ќе бидат уште поголеми.

Експертите тогаш оваа мерка ја карактеризираа како некреативна и себична која директно зема пари од џебот на граѓаните.

Во Македонија 21,5 проценти од населението живее во сиромаштија додека секој петти човек во Македонија нема пари за јадење, а само по еден оброк дневно имаат околу 445.000 граѓани во земјава. Едвај преживуваат 9 проценти од лицата кои се вработени. Овие загрижувачки статистички податоци ја наметнуваат потребата од итно системско решение за помош и поддршка на овие луѓе.

При отсуство на раст на платите пропратено со зголемување на давачките, даноците и трошоците сиромашните додатно осиромашуваат. Со ваков тренд сиромаштијата расте на долг рок додека поголем број на граѓани треба да издвојуваат повеќе пари за задоволување на основните егзистенцијални потреби