Сѐ повеќе македонски граѓани купуваат недвижен имот во Грција, но сѐ поголем е и бројот на оние кои сакаат да имаат неограничен престој кај нашиот јужен сосед, за да можат да уживаат и да го користат имотот. Таков тип на престој нашите граѓани можат да обезбедат со таканаречената програма која ја нуди Грција, добивање „златна виза“ со инвестиција од 250.000 евра. Со уплаќање на оваа сума за имот до 30. јули годинава во Грција може да се обезбеди „златна виза“, односно да се започне постапка за нејзино одобрување. Од 1 август, веќе се менуваат правилата, па така висината на инвестицијата се зголемува на 500.000 евра. Ова правило јужниот сосед го воведе од 1 јануари годинава, но на барање на инвеститорите се пролонгира до крајот на јули годинава.
Што значи дека уште речиси еден месец имаат можност заинтересираните за добивање „златна виза“ со вложување на 250.000 евра да ја искористат можноста да добијат неограничен престој во Грција, односно да добијат „Златна виза“. Новата куповна цена од 500.000 евра ќе важи за општината Солун, за Атина, островите Миконос и Санторини, додека за остатокот од државата останува да важи минималната вредност на инвестиција да изнесува 250.000 евра. Странците кои веќе имаат добиено „Златна виза“ ќе можат да ја продолжат со доказ дека се уште го поседуваат имотот.
„Златна виза“ нуди еден вид жителство и уживање во неограничениот престој на инвеститорот и неговото потесно семејство да живеат, работат, студираат и добиваат здравствена заштита во Грција. „Златната виза“ обезбедува трајна дозвола за престој, но и го олеснува процесот во иднина при вадење на државјанство.
Огромен е интересот за купување стан во Солун
Грција станува посакувана дестинација за инвеститорите од целиот свет, но се поголем е бројот и на македонски граѓани кои купуваат имот најмногу во Солун, како и вили на море. Особено е голем интересот за купување стан во Солун, дел од граѓаните, поради високите цени на недвижностите во Македонија се решеваат инвестициите да ги пренасочат во еден од најголемите трговско-бизнис центри во овој регион. Иако и во Грција цените на недвижностите значително се зголемени, логиката на македонските граѓани е дека ако во Македонија треба да плати по 2.500 евра за метар квадратен, ќе плати двојно повеќе за стан на море, но и цените за изнајмување се двојно повисоки.
Во последниве години значително расте бројот на млади кои се решаваат да студираат во Солун, па наместо да плаќаат високи кирии, родителите се одлучуваат да купат помали станови. ИТ инженерите, кои немаат ограничувања за тоа од каде ќе работат, инвестираат во стан на море. Дел од граѓаните пак, купувањето стан во Солун го гледаат како одлична инвестиција за изнајмување, каде што цените достигнуваат и до 100 евра од вечер. Купувањето имот во Грција најчесто се одвива преку Агенции за недвижности, а последниве години и наши познати компании, кои имаат свои фирми во Грција градат, или реконструираат од темел објекти во центарот на Солун и на море. Купувањето стан од познат изведувач нуди голема предност и сигурност за инвеститорот.