Замрзнатиот дожд што наврна пред неколку дена на голем дел од територијата на Словенија, нанел сериозни оштетувања на железничката мрежа во земјата, пренесе „ИТАР-ТАСС“.
„Особено тешка е ситуацијата на делницата што ги спојува Љубљана и Копер, на јадранското крајбрежје во земјата“, соопшти генералниот директор на Словенечката железничка компанија Душан Мес .
„На дел од 50 километри се останати само шините. Целата електрична мрежа е практично уништена под тежината на мразот“, истакнал Мес, додавајќи дека за реконструкцијата на делницата ќе бидат потребни неколку месеци.
Мес истакна дека железничката делница од Љубљана до јадранскиот брег на земјата е клучна за пристаништето Копер, како и за Словенечките железници. Поради неможноста за транспорт на товари пристаништето поднесува огромни загуби. Според зборовите на директорот на словенечките железници, веќе се задржани 2.700 товарни вагони.
Во меѓувреме, во Словенија без струја остануваат околу 40.000 домаќинства. Во напорите за отстранување на последиците од невремето учествуваат 7.300 лица, меѓу кои 208 странски спасувачи и специјалисти.
Во земјата веќе пристигнала помош од Германија, Австрија, Чешка, Хрватска, Полска и Унгарија во вид на електрогенератори и транспортни средства .
По оценка на премиерката на Словенија, Аленка Братушек, штетите од невремето ќе надминат 0,6 отсто од БДП на земјата. Тоа значи дека Словенија ќе добие право на користење на средства од специјализираниот фонд на ЕУ.