Значителен пад на Волстрит на крајот од годината

На њујоршки Волстрит во понеделникот во мирното тргување, без позначајни вести и со слабо предпазничкно тргување, берзанските индекси значително паднаа, но сè уште се на пат за големи добивки оваа година.

Индекост Dow Jones се лизна за 0,97 отсто, на 42.573 поени, додека S&P 500 падна за 1,07 отсто, на 5.906 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,19 отсто, на 19.486 поени.

На претпоследниот ден од тргуењето годинава на најголемата светска берза, цените на акциите паднаа во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500.

„И покрај слабоста во последните денови, индексот S&P 500 скокна за повеќе од 50 отсто во изминатите две години. Затоа, некои инвеститори сметаат дека можеби е време да повлечат дел од профитот од пазарот. А со ваков тенок обем на тргување пред празниците, не е потребно многу за индексите позначително да се придвижат“, објаснува Оливер Пурше, потпретседател во компанијата „Wealthspire Advisors“.

И покрај вчерашниот значителен пад, индексот Dow Jones е во пораст за повеќе од 13 отсто оваа година, S&P 500 е над 24 отсто, а Nasdaq индексот е во пораст за околу 30 отсто.

Ваквиот силен раст е благодарение на еуфоријата во однос на развојот на вештачката интелигенција, која го поддржа растот на цените на акциите на технолошките компании, особено на т.н. „Седумте величествени“ – „Alphabet“, „Amazon“, „Apple“, „Meta Platforms“, „Microsoft“, „Nvidiа“ и „Teslа“.

На пример, цената на „Nvidia“, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, се зголеми за околу 180 отсто оваа година.

Пазарот годинава беше поддржан со намалувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка во три наврата, за вкупно еден процентен поен, што треба да го поттикне растот на економијата.

Дополнително, цените на акциите значително пораснаа благодарение на победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, бидејќи се очекува тој со своите политики да придонесе за растот на економијата и да спроведе дерегулација во повеќе области.

Европските и азиските берзи заостануваат во однос на растот

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,35 отсто, на 8.121 поен, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,38 отсто, на 19.909 поени, а париски CAC 0,57 отсто, на 7.313 поени.

За повеќето европски берзи вчера беше последниот трговски ден во годината.

Индексот STOXX 600 на најважните европски акции годинава порасна за 5,5 отсто, значително помалку од американските, па дури и повеќето азиски берзански индекси.

Индексот MSCI на азиските берзи годинава порасна за околу 8 отсто, додека MSCI индексот на најважните акции во целиот свет истовремено зајакна за повеќе од 16 отсто.