Значително зголемен бројот приврзаници на „Граѓаните на Рајхот“

Бројот на германските граѓани кои се идентификуваат себеси како приврзаници преку членство или поддржување на екстремното десничарско движење „Граѓани на Рајхот“ (Reichsbürger) се зголемил последнава година за 2.000 на 23.000 , а 10 отсто од нив се склони на насилни акции, објави во неделата весникот Bild am Sonntag, повикувајќи се на податоците на германското Министерство за внатрешни работи.

Според министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, во текот на 2022 година приврзаниците на ова движење извршиле 239 нарушувања со различна тежина.

„Притоа не го земаме предвид ситното хулиганство, сите насилници се во притвор“, посочи министерката.

Според Фезер, многумина од „рајхсбиргерите“ имаат дозволи за поседување и носење огнено оружје и смета дека таквите документи треба да бидат повлечени. Во последно време повлечени се 1.000 такви дозволи, вели германската министерка за надворешни работи.

„Неопходен е максимален притисок во врска со ова прашање. Наскоро ќе го заостриме законот за оружје“, најавува Фезер.

Движењето Reichsbürger има зародиш во поранешната Западна Германија во 80 години од минатиот век. Неговите приврзаници, главно луѓе од постарите генерации, се залагаат и сѐ уште веруваат дека Германија постои во границите од 1937 година, не ги признаваат сегашните германски влади и тврдат дека нивната земја, како и во повоениот период, е окупирана од западните сојузници.

Припадниците на „Reichsbürger“ своите состаноци ги одржуваат во строга конспирација, а често организираат и милитаристички акции и реконструкции на некои воени настани. Печатат сопствени лични документи, бидејќи за неважечки ги сметаат издадените од германските власти.

Германските безбедносни служби долги години сметаат дека движењето не претставува закана за уставниот поредок, бидејќи е многу расцепкано и нема структура. Меѓутоа, неговата радикализација е сѐ позабележлива од средината на 2010-те години.

Во средата германското Генерално федерално обвинителство објави дека прекинало обид за државен преврат. Германските разузнавачки агенции и специјалната полиција во притвор оставија 25 од повеќе од 50-те приведени лица осомничени за учество во наводното планирање на пучот. Станува збор за една од најголемите безбедносни операции во Германија, во текот на која изведени се претреси во 11 од 16-те сојузни покраина, во повеќе 130 куќи и станови.

Операцијата покажа и дека организацијата на заговорниците била раширена и обемна, вклучувала наследник на пруските принцови, Хајнрих XIII, поранешни пратеници и судии, пензионирани офицери и припадници на специјалните сили на германската војска, како и дека најголемиот дел од нив се сметале себеси за „рајхсбиргери“.