Значителен напредок во истргата за нападот во Лондон

© Dominic Lipinski/PA via AP

Лондонската полиција соопшти во неделата ноќта за значителен напредок во истрагата за терористичкиот напад од саботата ноќта во центарот на британската престолнина во кој беа убиени седум лица и повеќе десетици ранети.

Малку претходно агенцијата Reuters пренесе дека одговроноста за терористичкиот напад во Лондон преку своите мрежни страници ја преземала џихадистичката организација Исламска држава.

Засега нема потврда на автентичноста на соопштението на терористичката организацација. Претходно беше објавено дека во врска со нападот во кој полицијата ги застрела тројцата напаѓачи, приведени се 12 лица.

„Ние веќе дојдовме до значителен напредок, но сѐ уште ни претстои уште многу работа. Исто така, значително напредуваме и во идентификацијата на тројцата напаѓачи“, изјави заменикот на шефот на лондонската полиција Марк Роули.

Според него, полицајците испукале 50 куршуми при ликвидирање на терористите. Тоа се должело на тоа што напаѓачите на себе имале лажни самоубиствени елеци.

Роули, исто така, призна дека во текот на престрелката настрадал и еден случаен минувач. Тој е хоспитализиран и според Роули неговиот живот не е загрозен.

Потврди дека меѓу седумте жртви има и странски државјани.

„Седум луѓе се убиени од тројцата напаѓачи, идентификувањето на жртвите во трагедијата продолжува. Станува збор за процес за кој е потребно време, бидејќи веруваме дека некои од нив се од странство“, рече Роули.

Според него „во болниците остануваат 36 ранети, кај некои има многу сериозни повреди, состојбата на 21 е оценета како критична“.

Роули рече дека напаѓачите користеле бело комбе „рено“, коешто кусо пред нападот го изнајмил еден од терористите. Полицискиот претставник додаде дека полицискиот кордон ќе остане уште на местото каде беше извршен нападот. Предупреди дека на лондонските улици ќе има засилено полициско присуство.

Претходно беше објавено дека меѓу жртвите во нападот во центарот на Лондон е државјанин на Канада. Таквата информација ја соопшти канадскиот премиер Џастин Трудо. Според шефот на француската дипломатија,
Жан-Ив Ледријан, во нападот загинал и државјанин на Франција, а уште еден се води како исчезнат.