Пораст во сите сегменти на функционирање на осигурителниот сектор е остварен во првата половина од 2015 година. Позитивен тренд има и во осигурувањето на живот и во неживотно осигурување, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување, пренесе МИА.
Претседателот на Агенцијата Климе Попоски вели оти тоа укажува дека постои висок степен на стабилност на осигурителниот сектор што претставува гаранција дека друштвата за осигурување имаат доволни финансиски средства да ги сервисираат преземените обврски во делот на исплата на штети.
Пораст на приходите за 8,36 отсто
Зоран Стојаноски, член на Агенцијата за супервизија на осигурување на денешната прес-конференција информира дека до крајот на јуни остварена била бруто полисирана премија (БПП) во износ од 4,31 милијарди денари или пораст на приходите од 8,36 отсто во однос на истиот период лани.
Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите за 19,96 проценти, при што остварената БПП изнесува 461,66 милиони денари. Во истиот период минатата година изнесуваше 384,84 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст споредено со сите земји во Европа, рече Стојаноски.
Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП од 3,85 милијарди денари, односно пораст на приходите од 7,11 отсто во споредба со првите шест месеци од 2014 година.
Овој висок пораст во делот на неживотното осигурување се должи пред се на порастот на осигурувањето на имот од 19,50 отсто со БПП 1,14 милијарди денари, осигурувањето од незгода од 6,36 проценти со БПП 350,27 милиони денари и осигурувањето од туристичка помош од 12,18 проценти со БПП 86,81 милиони денари, истакна Стојаноски.
Според Стојаноски, влијание има и порастот во делот на автоодговорност и тоа 3,91 процент со БПП 1,69 милијарди денари.
Во делот на осигурувањето на сопствени моторни возила, односно каско осигурување првпат по пет години опаѓање, се забележува мал пораст од 0,44 отсто или 348,58 милиони денари. Годинава се забележува пораст од 60,87 отсто на остварената БПП за земјоделско осигурување која изнесува 169,01 милиони денари, а истиот период лани беше 105,06 милиони денари, додаде Стојаноски.
Пораст и на бруто исплатените штети
Друштвата за осигурување во првата половина од 2015 година исплатиле бруто-износ на штети од 1,58 милијарди денари. Бруто исплатените штети бележат пораст од 12,79 проценти во споредба со првата половина од 2014 година, кога биле исплатени 1,40 милиони денари.
Агенцијата за супервизија на осигурување очекува дека порастот на БПП ќе се задржи до крајот на 2015 година во двата сегменти на неживотно осигурување и во делот на осигурувањето на живот.
На пазарот на осигурување во Македонија активно работат 15 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а четири осигурување на живот.
На пазарот на осигурување делуваат и 30 осигурително брокерски друштва, 11 друштва за застапување, три деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување, 412 лиценцирани брокери и 950 лиценцирани застапници во осигурување.