Здружението на новинари на Македонија денеска повторно алармираше за непримерниот однос на директорот на Агенција за филм Горјан Тозија кон новинари, по пријавите од новинарката Сунчица Уневска-Гвозденовиќ за закани и омаловажувања и од дигиталната редакција Сакам да кажам.мк за закани со тужби. Именувањето на функцијата директор на Агенцијата за филм го врши Владата.
„Освен погрдните зборови во пораките упатени кон Уневска, Тозија во својата порака нечовечки алудира на личните, сериозни здравствени проблеми кои ги има колешката Уневска. Ова е скандалозен и низок начин на комуникација од одговорно лице на јавна установа кон новинар. ЗНМ ќе ја извести и Владата на РС Македонија за овој инцидент и ќе побара од надлежните Тозија да сноси политичка одговорност за овој однос со кој се нарушува и угледот на Агенцијата за филм, која тој ја застапува“.
ЗНМ го осуди и тоа што на дигиталната редакција Сакам да кажам.мк, Тозија ѝ се заканува преку адвокатска канцеларија со три тужби за клевета за претходни текстови на овој медиум поврзани со работата на Агенцијата.
„Потсетуваме дека лице кое има јавна функција треба да има поголем капацитет за критика, а кога се заканува со тужби кон новинарите тоа се смета како притисок и придонесува за зголемување на самоцензурата“, вели ЗНМ.
Мандатот на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм истече на 4 август, а тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека од Владата побарал продолжување. Неделава истече и рокот од 60 дена што Владата го имаше да одговори на иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за утврдување на одговорност на Тозија поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност. Од Владата досега нема одговор на инцијативата на ДКСК.