Здружението на новинарите на Македонија денес преку писмено соопштение го осуди нападот на дел од демонстрантите врз редакцијата на Радиото Слободна Македонија во Скопје и побара од институциите веднаш да ги открие напаѓачите и најостро да ги казни.
Секој напад врз новинарите е напад врз слободата на говорот и правото на граѓаните да бидат информирани. Неказнувањето на насилството може да доведе до многу посериозни последици врз сигурноста и безбедноста на новинарите, се вели во соопштението.
ЗНМ исто така го осуди и како што велат, непримерното однесување на властите кон новинарите од соседните земји.
Несфатливо е што властите им забраниле влез во Македонија на тројца новинари од весникот 24 часа од Бугарија, а еден новинар од Телевизија Топ Ченел од Албанија бил задржан на информативен разговор во Скопје. Со вакви непромислени постапки властите создаваат негативна слика за Македонија во регионот. Ги повикуваме институциите да не ги попречуваат новинарските екипи во нивната работа и да не креираат недоверба во јавноста кон новинарската професија, се вели во соопштението.