Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро го осудуваат односот на министерот за економија Крешник Бектеши кој според информациите во медиумите, денеска за време прес конференција на недоличен, дрзок и неприфатлив начин коментира дека новинарката од Канал 5 телевизија Катерина Капкоска поставува прашања во име на другите колеги новинари, наместо да одговори на конкретно прашање од јавен интерес.
Соопштението на ЗНМ и СЕММ го пренесуваме во продолжение:
Имено, станува збор за прашање поврзано со порастот на цената на природниот гас, поставено од страна на колешката за време на прес во Владата на РМ, на чија покана медиумите одговориле со своето присуство, Бектеши наместо соодветен одговор на прашање, на Капкоска и било одговорено на следниот начин:
„ДОБРА СОРАБОТКА НЕВЕРОВАТНО ИМАТЕ СО КОЛЕГИТЕ , ЗНАЧИ ВИ ГИ ДАВААТ НИВНИТЕ ПРАШАЊА ШТО САКААТ ДА ГИ ПОСТАВАТ….НО НЕМА ПРОБЛЕМ… “
На истиот настан, новинарот Огнен Чанчаревиќ го осудува директно однесувањето на министерот Бектеши, на што добива одговор од него дека новинарите се тука за да поставуваат прашања, а не да даваат коментари.
Потсетуваме дека не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари што бележи пораст. Токму затоа, ЗНМ ќе ги извести партнерските организации, вклучувајќи ги и ОБСЕ, Европската Федерација на новинари – ЕФН и Совет на Европа.
Државните функционери, се во служба на јавноста и не смее да постои ваков начин на комуникација, кој е крајно несоодветен, непримерен, дрзок и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да и бидат пренесени информациите. Несоодветното однесување со новинарите, кои играат важна улога во информирањето на јавноста, може да ја поткопа довербата во носителот на јавната функција, како и во институцијата што ја претставуваат. Ова може негативно да влијае на угледот и на поединецот и на организацијата, што потенцијално ќе доведе до последици како што се губење на довербата на јавноста, намалена јавна поддршка, па дури и формални санкции. Затоа е важно тие да се однесуваат на начин кој е со почит и професионален однос кон новинарите, дури и во предизвикувачки ситуации.
Следејќи ги овие упатства, министерот може да се погрижи да се однесуваат на начин кој е професионален и со почит кон новинарите, а истовремено и ефективно да ги соопштува нивните пораки до јавноста.
Само за потсетување, ова е четврт негативен испад на политичар кон новинари во изминатиот период, а првите три беа на Димитар Ковачевски, Али Ахмети и вчерашниот случај во МОН, со советникот на министерот Јетон Шаќири.
Крајно време е функционерите да ја сфатат сериозноста на својата позиција пред јавноста и да престанат со дирекни вербални напади и инсинуации за професионалниот пристап кон работатa на новинарите.