Случајот со повикувањето на новинарката Делевска во МВР на службен разговор во полициската станица Центар поради објавен текст, оди на релација кои што ние постојано го зборуваме, а тоа е двата клучни елементи – ние за да имаме здраво новинарство, во рамки на демократско општество, како што се декларираме – еден аспект е социо-економската сигурност, вториот би бил отсуството на цензура и самоцензура. Така што случајот со колешката Делевска оди на конто на тоа дека имаме уште еден несакан обид за заплашување и загрозување на работата изјави во Утрински брифинг Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
– Не сакам да верувам дека имаме механизми кои во едно време властите се пресметуваа со нашата професија. Има големи пропусти и од тоа не можеме да отстапиме. Одново се покажа фрагилноста на МВР, вели Беловски.
Според Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), ако е ова инцидент МВР ќе може реално и брзо да ја увиде грешката и да преземе санкции за тој што направил грешка.
– Алармот треба да биде вклучен, треба да бидеме уште побудни во следењето на овие нешта и на начинот на кој што институциите го практикуваат владеењето на правото. Ова не смееше да се случи. Сега очекуваме санкција, вели Чадиковски.
Тој додаде дека пријавата од раководителката против новинарката Делевска може да се третира како еклатантен пример за лажна пријава против граѓанин и ЗНМ и понуди правна помош на колешката за процесуирање на овој случај.
– Ова е обид за замолчување и заплашување на новинарите, додаде Беловски.