ЗНМ занеме за оставката на главниот уредник на ТВ „24 Вести“

Главниот и одговорен уредник на телевизијата „24 Вести“, Гоце Михајлоски, во саботата си поднел оставка на функцијата, а се шпекулира дека причина за оваа негова одлука, пред се’, е притисокот од менаџментот поради неговата објективност во подготвувањето на новинарските прилози. Познато е дека уредничката политика на оваа телевизија е наклонета кон бранење на опозициските ставови, а Михајловски меѓу фелата важи за добар новинар, кој својата кариера ја гради според професионални новинарски стандарди.

Михајловски денеска не можевме да го добиеме на телефон, лично да ни потврди или демантира, дали поради притисок морал да поднесе оставка. Тој доцна синоќа, на својот Фејсбук- профил напиша:

„Бидејќи моето повлекување од позицијата Главен и одговорен уредник предизвика интерес во дел од јавноста, должам кратко објаснување. Секој има право на различно мислење. Не секој носи одлуки. Со менаџментот понекогаш сме имале различни мислења за дел од програмата, но тоа не е ниту главната, ниту единствената причина за моето повлекување. Сепак во животот постојат и други приоритети освен градењето кариера по секоја цена. На пример, слободното време е бесценето. Телевизија 24 Вести има голема доверба кај гледачите, поради својата објективност и независност. Сметам дека ќе остане на истиот пат, за кој се надевам мал удел дадов и јас претходната година. Да ме прашаа колегите ќе им го кажев ова“.

Михајловски е член на Управниот одбор на ЗНМ, а веќе петти ден молк од раководството на ова новинарско здружение за неговиот случаj. „Нетпрес“ се обиде да стапи во контакт со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, за тоа дали планираат да реагираат во насока на штитење на професионалните права на својот член, бидејќи, сепак и во ФБ статусот, Михајловски признава дека една од причините (но, не главна) е и притисок од менаџментот, но, Селмани не одговараше на повикот.

За потсетување, опозизицискиот лидер, Зоран Заев, веднаш по објавувањето на првата „бомба“ имаше интервју со Михајловски токму на оваа телевизија. На Заев му беа поставени многу прашања и дилеми со кои се соочува јавноста во врска со прислушувањето: Има ли доказ дека токму власта се снимала, каде е логиката да се снимале самите себе, за признанието дека материјалите му се од странски служби? А,  како заклучок на разговорот, логично  се долови моментот дека иако со месеци се зборуваше за откривање на криминал на власта, прислушуваните разговори сепак не го покажаа тоа. Веројатно, на Михајловски „не му беше простено“ ни прашањето за доказот на истрагата во аферата „Пуч“, писмото кое Заев го испратил на Зоран Верушевски, и чија  веродостојност беше потврдена од лидерот на опозицијата.

Според се’ уште непотврдени информации, на позицијата в.д. главен и одговорен уредник на телевизијата е поставен новинарот Сеад Ризвановиќ.