Зонско во Кисела Вода само по барање на граѓаните

Откако Советот на Град Скопје даде зелено светло на програмата на ЈП „Градски паркинг“ со кој за годинава се предвидува да се воведе зонско паркирање и во Автокоманда, Карпош и Кисела Вода, граѓаните реагираат дека се изманипулрани, особено бидејќи новите градоначалници во предизборната кампања ветуваа сосема други работи.

Особено се затекнати жителите на Карпош, каде што со години наназад се дава отпор за обележување на зонски паркиралишта, а и новиот градоначалник, Стефан Боогоев, во повеќе наврати беше категоричен дека на територијата на општина Карпош, нема да се воведе зонско паркирање.

Донесувањето на инвестициската програма на Градски паркинг е во насока да се создаде законска онова за воведување зонско паркирање, ако тоа го побараат граѓаните, изјави  градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, откако градската власт ја усвои инвестициската програма на Градски паркинг, според која ова претпријатие има план да го зголеми зонското паркирање во градот за околу 1.500 паркинг места.

Зонско се предвидува на една улица во Автокоманда, на четири во Кисела Вода, на три во Карпош 1 и во Лептокарија.

Од Општина Кисела Вода посочуваат дека засега не планираат зонско паркирање на својата територија.

Локалната самоуправа е влезена во акцискиот план на Градот за евентуално воведување на зонско паркирање, но тоа би се спровело само по барање на граѓаните. Имено, доколку од страна на  жителите кои се засегнати со проблемот од недостиг на паркинг места, биде поднесена иницијатива за воведување на зонско паркирање, таа би била детално разгледана, по што би се извршила проценка на оправданоста, би се спровела анкета, па потоа би се преминало кон носење на решение кое би било во корист на граѓаните. Со одлуката која ја донесе Градот Скопје само се дава законска можност на Општина Кисела Вода да постапува доколку жителите бараат воведување на зонско паркирање на нашата територија, велат од општина Кисела Вода.

И од Градски паркинг посочуваат дека веќе неколку години во нивната програма имаат предвидено паркирање на овие локации, но тоа не значи дека ќе се реализира. За да се оствари треба да се согласат граѓаните и Општината да донесе одлука.