Досегашниот државен секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов, го помина филтерот на Собранието. Тој пред членовите на Комисијата за надворешна политика, на затворена седница ги презентираше своите тези за дипломатската мисија во САД. Попов, кој најголемиот дел од дипломатската кариера ја има поминато во Директоратот за Европска Унија, воедно беше и единствениот кој реферираше пред пратениците кои имаат безбедносен сертификат, бидејќи после неговото излагање, претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, ја прекина седницата, со образложение дека на пладне почна пленарна седница.
Со презентацијата на тезите во Парламентот завршени се сите процедури за заминување на амбасадорот Попов на дипломатската мисија во Вашингтон.
Пополнувањето на амбасадорското место во САД кои се наш стратешки партнер и НАТО-сојузник, следи по повеќе од четири години од заминувањето на претходниот амбасадор Васко Наумовски.
Помеѓу новите амбасадори кои пред Комисијата треба да ги претстават своите тези се и новите амбасадори во Канада – Агрон Буџаку, во Кралството Норвешка, Дритон Куќи, во Словачка – Евгенија Илиева и во Кралството Белгија, Методија Белевски.
Според МНР, за уште тројца амбасадори се добиени агремани и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста и барањето до Собрание за закажување на седница на Комисијата за надворешни работа. Тоа се Виктор Димовски кој ќе биде амбасадор во Франција, Агнеза Руси во Бугарија и Јован Манасијевски во Турција.