Зоран Ставрески ќе го советува министерот за финансии

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Зоран Ставрески ќе му дели совети на актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими во советот што ќе се формира како експертско тело и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за коишто е потребен консензус во општеството.

Иницијатори покрај Бесими и Ставрески за ваквво советодавно тело се поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Трајко Славески и Кирил Миноски. Советот на поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ.

Зоран Ставрески, некогашниот министер за финансии во владите на Никола Груевски, го немаше долго време во јавноста се додека не беше обелоденето дека заедно со Оливер Шамбевски, некогашен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кој потоа беше и амбасадор на земјава во Кина, ќе бидат во работното тело што го формира опозициската партија, со цел да го мониторира работењето на новите градоначалници од партиските редови и остварувањето на предвидените проекти во општините што ги раководат.

Во последните пет-шест години, Зоран Ставрески речиси воопшто не е присутен на политичката сцена во земјава, ниту во јавниот живот, откако летото 2016 година поднесе оставка од позициитеминистер за финансии и вицепремиер – во владата што тогаш веќе ја предводеше Емил Димитриев, кој како техники премиер го замени Груевски пред парламентарните избори што се одржаа истата година.

Со ова работно тело ќе претседава партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој по завршувањето на локалните избори, постојано е на терен низ општините каде што ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници.

СДСМ во последно време во неколку наврати лиферуваше соопштенија во кој го споменуваше Ставрески.

„Тоа е истиот Ставрески кој во 2012 на црниот понеделник даде налог на собраниското обезбедување насилно да ги исфрли прво новинарите, а потоа и пратениците од собраниската сала.

Ставрески кој како министер за финансии ја презадолжи државата за да се финансира проектот Скопје 2014. Ставревски кој беше десна рака на Никола Груевски во водењето погубни економски политики за што тој самиот кажа „Трошиме за чоколадо а немаме ни за леб“

Денес, тој ист Зоран Ставрески ќе ја контролира работата и ќе им наредува на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова значи дека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговараат пред Ставрески и ќе работат во негов интерес наместо да одговараат пред граѓаните и да работат во нивен интерес“, гласи едно од соопштенијата на СДСМ во изминатиот период.