Реакцијата на студентите од приватниот Факултет за бизнис економија-Скопје, кои реагираат и велат: „Наместо приватниот Факултет за бизнис економија, да биде затворен и да им се одземе акредитацијата, зашто законски немаат услови за работа, ќе имало испитна сесија“. Реагираат незадоволните студенти од овој факултет кои не го следеле зимскиот семестар, за кој платиле 400 евра, зашто сите професори лани есента ги отпуштила сега починатата ВД директорка професор Жанина Кировска и 2 (два) месеци нема директор, по барање на основачот.
Незадоволните студенти доставиле писмена (преставка) реакција до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, Агенцијата за квалитет на високото образование-директор Агим Рушити, претседателот на Агенцијата за акредитација Татјана Стојановска Иванова, претседателот на Агенцијата за евалуација Владо Гичев, до директорот на Државниот просветен инспекторат Ардиан Муслиу, и од сите овие институции студентите наидуваат на затворен sид.
Ваквиот чин на овие институции е неодговорно и непримерно однесување токму од оние што треба да бидат пример за државничко однесување. За жал! Со право студентите се сомневаат дека напред наведени надлежни институции свесно го прикриваат образовниот криминал и непочитување на законот.
Студентите, писмената преставка ја доставуваат и до мојот мејл, со барање за моја интервенција и моја реакција, да се запознае македонската јавност и институциите да се одважат и постапат по реакциите на студентите. Морам да истакнам дека, за реакциите на студентите на овој факултет, во повеќе наврати објавуваше и бараше одговори новинарот на Телма, Сотир Трајков, но наидуваше на недостапност на институциите. Зошто?
Реакцијата на студентите до институциите
Имено, студентите во писмената преставка ги запознаваат институциите дека: „Од септември 2022 година, кои добро сте запознати со состојбата на приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје, и тоа дека нема ниту професори, ниту има предавања и испитни сесии. Помина цел зимски семестар, а нас ни помина една шестина од студирањето. Надлежните институции, за жал не презедоа ништо и единствени оштетени сме ние студентите!
Во меѓувреме и законскиот застапник на Факултетот почина, професор Жанина Кировска, и 2 (два) месеци нема Директор. Непосредно пред да почине, ВД Директорот на Факултетот на некој начин избрал лица во наставни звања – предавач, и тоа следните: Никола Ѓоршоски и Бранка Денкова Поповска.
Поради сето ова, студентите го молат надлежниот Државниот просветен инспекторат и другите надлежни институции (кои молчат) да ја испитаат постапката на избор на лицата, бидејќи од тоа (на студентите) ќе им зависи дали ќе им бидат важечки дипломите. Ако избраните професори кои согласно Законот за високо образование не биде избрани за професори, и тие ни држат предавања и испити, тоа значи дека по некое време, може некој да поведе постапка и нашите дипломи да се поништат, што најверојатно, кога ќе се направи некоја промена во Министерството – реформите ќе почнат од нас!?
Сомнеж за избор на постапката на лицата Никола Ѓоршоски и Бранка Денкова Поповска
Сомнеж во законитоста на постапката на избор на овие лице е од неколку причини:
Во членот 111 став 1 од Законот за високо образование (ЗВО) е определено дека: „Наставничкиот совет (НС) е орган на управување и стручен орган на високата стручна школа“. Во ставот 2 од истиот член стои: „Наставничкиот совет го сочинуваат професорите, вишите предавачи и предавачите на високата стручна школа“. Наставничкиот совет е КОЛЕКТИВЕН ОРГАН, на што укажува и самиот термин – СОВЕТ. Бессмислено и невозможно е постоењето на Наставнички совет со само еден (1) член. Оттука, не може да се донесе одлука на Наставнички совет, кога Наставничкиот совет не постои. Во времето кога се бирани овие две лица, имаше само 1( еден) вработен професор-Жанина Кировска (сега почината). Значи, Наставнички совет нема!
Рефератите за избор на овие (две) 2 лица се објавени на веб страната на Факултет за бизнис економија Скопје, и заверени со датум 02.12.2022 година.
Да знаат надлежните институции кои не реагираат: Кои се рецензентите за незаконскиот избор
- на Никола Ѓоршоски во предавач во областа Политички систем се: проф.д-р Горан Илиќ, проректор за наука при УКЛО-Битола (Поранешен декан на Правниот факултет во Кичево, при УКЛО), проф.д-р Вели Креци – УЈИЕ-Тетово и проф.д-р Мемет Мемети-УЈИЕ-Тетово
- на Бранка Денкова Поповска во предавач во областа Маркетинг се: проф.д-р Ленче Петреска – ректор на Славјанскиот универзитет Свети Николе (сестра на заменик министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ и нејзиниот татко Божин Аврамовски судија во пензија, член во Комисијата за помилување, кај претседателот Стево Пендаровски), проф.д-р Јусуф Зеќири-УЈИЕ-Тетово и проф.д-р Вељанд Рамадани-УЈИЕ-Тетово
Бараме од институциите да извршат надзор за следните прашања
- Кога и кој го распишал конкурсот објавен во Слободен печат на 7.11.2022 година?
- Рецензентската комисија е формирана на 4.11.2022 година, а конкурсот е објавен на 7.11.2022, што е спротивно на чл. 173 став 1 од Законот за високото образование, каде е определено дека: „Изборот на кандидатите во наставно-научни, наставно-стручни, наставни, научни и соработнички звања го врши наставно-научниот совет на факултетот, односно наставничкиот совет на високата стручна школа, врз основа на оценката во рефератот на рецензиона комисија“. Во ставот 3 од од истиот член гласи: „Рецензионата комсиија од ставот (1) на овој член , се состои од најмалку три члена и ја формира наставничкиот совет на самостојната висока стручна школа по завршувањето на рокот за пријавување на кандидатите“. Тука целосно е спротивно постапено од Закон за високо образование, уште пред да се распише конкурс се именувала комисија. Ова е образовен криминал. „Господа“- КОПУЦИ-неранимајковци од институциите, зошто молчите!!!
- Кој состав на Наставничкиот совет ја формирал рецензентската комисија?
- Кога е донесена одлуката за избор во звање на овие лица? Во законот е предвидено дека рецензентските извештаји треба да се објават на веб страната на институцијата најмалку 15 дена пред денот на донесување на одлука за избор. Оттука, прв ден на кој може да се донесе одлука за избор е 18 декември ( недела), што значи одлуката е донесена на 19 декември (понеделник), кога на Факултетот нема ниту еден вработен професор, а нема ниту ВД Директор, поради смрт на Жанина Кировска.
- Дополнително, направен е избор на лице во наставната област Политички систем, што е спротивен на Правилникот за систематизација на работните места на Приватниот-Факултетот бизнис економија- Скопје, бидејки вакво работно место не е предвидено.
- Во научното поле Политички науки ( 507) во кое се наоѓа научната област Политички систем ( 50701), нема ниту еден наставен предмет согласно акредитираната студиска програма на Факултетот бизнис економија, што укажува на тоа дека овој избор на наставник е чиста манипулација, со цел да се доделуваат предмети на целосно некомпетентен кадар, за наставните предмети кои се во студиската програма, поради што бараме да се преиспита и поништи постапката за избор, имајќи ги предвид и фактот дека во Систематизација не постои работното место, и дека нема ниту еден наставен предмет кој е во исто научно поле, со областа во која е распишан конкурсот.
По незаконска постапка е избран на функција ВД директор Никола Ѓоршевски
Лицето Никола Ѓоршески е избран на функцијата ВД Директор. Ние, велат студентите, се сомневаме во законитоста на постапката за избор на ВД директор, а со тоа е спорно и кој ќе ни ги потпишува документите од Факултет (Уверенија, Дипломи, Потврди и слично). Лицето Никола Ѓоршовски е избран во звање предавач, а согласно член 118 став 1 од Закон за високо образование е предвидено дека: „Директор, на високата стручна школа се избира од редот на професорите и од редот на вишите предавачи за време од три години, со право на уште еден избор, под условите утврдени со статутот на високата стручна школа“. НО, НЕ И ЛИЦЕ ИЗБРАНО ВО ЗВАЊЕ ПРЕДАВАЧ!!!
Исто така, согласно член 118 став 5 од Законот за високо образование стои: „Ако во определениот рок предвиден со статутот на самостојната висока стручна школа не биде избран директор, се назначува времен вршител на должноста директор на начин определен со статутот на самостојната висока стручна школа“.
Согласно член 66 од Статутот на Факултетот членови на Наставнички совет може да бидат само лица избрани во наставно звање и ВРАБОТЕНИ на Факултетот. И само членовите на Наставничкиот совет се овластени да свикаат седница на Наставнички совет, не и некое трето лице, па дури и да е основачот (чл. 71 и 71 од Статутот и чл.111 од ЗВО)! Во која постапка? Никаде во законот нема предвидено дека може на друг начин освен со одлука на Наставнички совет да се избере лице за Директор /ВД Директор. И тоа Наставничкиот совет мора да биде свикан и одржан, така како што е предвидено во Законот за високо образование. А, не во услови кога има само вработен хаусмајстор и хигиеничар на факултетот се избра директор? Во која постапка? Со право реагираат студентите и бараат:
Итен надзор над постапката за избор во звање на лицата Никола Ѓоршоски и Бранка Денкова Поповска, дали се испочитувани законските и статутарни одредби за избор?
Итен надзор над постапката за избор на ВД Директор на Факултетот? Дали истата е согласно Закон и Статут?
Студентите, во прилог на оваа преставка го доставуваат и дописот известување добиен од незаконскиот ВД директор Никола Ѓопшоски на Факултетот и намерата да си почне образовен процес како да се исполнети сите услови за законска работа на Факултетот.
Студентите молат за итен надзор со оглед на фактот дека: „евентуалниот ВД Директор планира започнување на настава, сесии и слични активности, што на долг рок ќе ни нанесе штета во однос на законитоста на дипломите што евентуално ќе ги добиеме на Факулетот“.
Која од надлежните институции го именува ВД директорот?
Со право студентите прашуваат кои од надлежните институции го именуваат ВД директорот, дали е тоа: министерот за образование и наука Јетон Шаќири, Агенцијата за квалитет на високото образование Агим Рушити, претседателот на Агенцијата за акредитација Татјана Стојановска Иванова, претседателот на Агенцијата за евалуација Владо Гичев, го именуваат ВД директорот на Факултетот за бизнис економија Никола Ѓоршовски и по кој Закон? Кога нема наставнички совет! Со кое право нелигитимниот ВД директор ги известува студентите дека ќе биде објавен и распоредот за консултации и испити во односната сесија за зимскиот, односно летниот семестар со предмети.
По добиени незванични податоци од Централен регистар, како вистински сопственици на Приватната високообразовна установа – Висока стручна школа – Факултет за бизнис економија – Скопје, од 14.02.2023 година, се води овластено лице Никола Ѓоршоски, додека вистински сопственик е турчинот Џенк Јилмаз сo државјансво Македонско. Ова е можност надлежните институции да истражуваат за целокупната постапка на ова сомнителна Приватна Висока стручна школа-Факултет за бизнис економија-Скопје!?
Од тука се поставува и логичкото прашање: По која основа нелигитимниот ВД директор Никола Ѓоршоски го објавува распоредот за консултации и испити во односната сесија за зимскиот, односно летниот семестар со предмети? По добиениот распоред по предмети се ангажираат надворешни професори на Факултетот за бизнис економија како што се:
- Проф.д-р Анастас Џуроски, редовно вработен на Правниот факултет-Кичево при УКЛО-Битола, и тоа предмети: Меѓународни деловни финансии, Основи на сметководсво, Основи на финансии, Финансирање на локален и регионален развој, ИБП, ИБП2..?
- Проф.д-р Шеќерина Ивановска, редовно вработена на Славјанскиот универзитет-Свети Николе, и тоа предмети: Економско истражување, Меѓународна економија, Финансиски пазари и институции…?
- Бранка Денкова-Попоска, незаконско избрана на Факултетот за бизнис економија предавач во областа Маркетинг, ќе предава предмети: Основи на менаџмент, Основи на маркетинг, Стратегии и тактики за формирање на цени и Интернет меѓународен маркетинг ?
- Никола Ѓоршоски-вд директор на Факултетот за бизнис економија- незаконски избран во предавач во областа Политички систем, ќе предава предмети: Деловно право, Даночно право и даночен менаџмент, Економија на регионални интеграции. Овие предмети со предавач во областа Политички систем нема никаква допирна точка по Фраскатиевата класификација? Државни просветни инспектори ова да го констатирате при вашиот вонреден инспекциски надзор!!.
- Проф.д-р Павлина Стојанова, редовно вработена на Славјанскиот универзитет Свети Николе, ќе предава предмети: Менаџерство сметководство 2?
- Габриела Крстевска, редовно вработена на Славјанскиот универзитет во Свети Николе-декан, ќе предава предмет: Инвестиционен менаџмент?
- Самоил Малчески, редовно вработен на Славјанскиот универзитет -Свети Николе, ќе предава предмети: Математика за економисти, Управување со ризици, Економско истражување, Статистика, Претприемништво,…?
- Проф.д-р Никола Поповски, редовно вработен на Славјанскиот универзитет -Свети Николе, ангажиран и како член на Советот на Народна банка на Комитетот за ревизија, ќе предава предмети: Макроекономија, Економија на равој?
Сите овие надворешни ангажирани професори од Славјанскиот универзитет Свети Николе-Битола и од Правниот факултет во Кичево при УКЛО-Битола, се незаконски ангажирани на приватниот Факултет за бизнис економија-Скопје, без Одлука на Наставничкиот совет на факултетот и спротивно на Законот за високо образование и Статутот на Факултетот за бизнис економија-Скопје.
Затоа надлежни институции не молчите и не го прикривајте овој образовен криминал кој е незаконит.
Го повикувам Државниот просветен инспекторат, да постапи по преставката на студентите за состојбите на овој Факултет. И да постапат согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за просветна инспекција.
Ова го бараат студентите и јас како пишувач на оваа колумна им давам целосна подршка. Одиме понатака!!!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес