„Воочив дека министерот за финансии, а и претпоставувам дека сите претставници на владејачкото мнозинство ќе ги започнуваат своите говори со тоа дека овој ребаланс на буџет се прави заради криза која што е увезена и тука веднаш се споменува агресијата на Русија врз Украина, Ковид пандемијата итн. Се причини апсолутно, не велам дека не се, и ќе продолжат да бидат. Но, никој од вас ниту спомена, ниту верувам дека ќе спомене самокритичност и да каже дека аздисаното владеење на одредени групации, групи и личности во Владата, во владиното мнозинство доведоа до ова дереџе до кое што сме. Затоа што ние како опозиција уште многу одамна предупредувавме на се ова што се случува“, нагласи Благица Ласовска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на комисија за финансирање и буџет.
Ласовска додаде дека на предупредувањата кои ги упатуваше опозицијата дека економската состојба на државата е лоша, власта на тоа само се смееше наместо да преземеше мерки за ублажување на економската состојба.
„Оваа беспарица, оваа буквална пљачка на граѓаните и ова шокантно, шокирачко скокање на цените секојдневно кое што никако не можат граѓаните да го стигнат, во економијата се нарекува ценовни притисоци. Ова не се само ценовни притисоци, граѓаните не можат веќе буквално да ги издржат. Ако порано мислеле од почетокот до крајот на месецот како ќе го поминат, сега до средина на месецот не можат да издржат со овие примања“, појасни Ласовска.
Таа во своето обраќање ги запраша пратениците на СДСМ зошто тие како парламентарно мнозинство минатата недела на пленарните седници не ги подржаа законите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто како парламентарно мнозинство не нѐ поддржавте. Значи предлог законот да ги намалиме акцизите, за 20 денари ќе беше помала цената на нафтените деривати. И тука е предлог законот за намалено ДДВ од 5%, барем малку да го ублажиме овој ценовен шок кој што галопира“, запраша Ласовска.
Ласовска посочи поради лошите политики на власта дојде до состојба кога лебот е 100% покачен, а нафтата стана луксуз за граѓаните.