Еден наизглед обичен вирус успеа значително да го измести начинот на живеење каков што го познававме досега, и иако човештвото и претходно се соочувало со пандемии од болести предизвикани од вируси, светот никогаш досега во толкава мера не се променил поради појавата на некоја болест, анализира BBC.
Со што новиот коронавирус означен како SARS-CoV-2 е толку поинаков од другите? Што е тоа во неговиот биолошки карактер што претставува особена закана за животите на луѓето?
Мајстор во праправањето
Откако ќе се дојде во контакт со вирусот, тој во почетната фаза може да го измами организмот. Коронавирусот може да се прошири на белите дробови и на дишните патишта, а имунолошкиот систем на човекот да мисли дека сѐ е во ред.
„Овој вирус е мајстор во преправањето, може да се размножи во вашиот нос, а вие притоа и натаму да се чувствувате одлично“, вели професорот Пол Ленер од Универзитетот Кембриџ.
Откако коронавирусот ќе продре во клетките, тие почнуваат да испуштаат посебни хемикалии, односно интерферони, коишто на организмот и на имунолошкиот систем им сигнализираат дека нешто не е во ред.
Меѓутоа, овој коронавирус поседува „неверојатна способност“ да ги онеспособува овие хемиски сигнализации, појаснува проф. Ленер, додавајќи дека „коронавирусот тоа го прави толку успешно што поединецот и не сфаќа дека всушност е болен“.
Ленер вели и дека во текот на проучувањето на заразените клетки под микроскоп не се гледа дека се инфицирани, иако тестовите покажуваат дека се „преполни со вирусот“. Илустративно вели дека тоа е „уште еден адут во ракавот на кој смета“ коронавирусот.
Се однесува по принципот „удри и бегај“
Количеството на вирусот во организмот го достигнува врвот само еден ден пред поединецот да се разболи, но треба да мине уште најмалку една седмица пред кај пациентот да се развие состојба за којашто ќе биде потребно хоспитализирање.
„Тоа е навистина брилијантна еволутивна тактика, бидејќи вирусот нема веднаш да ве легне в постела. Вие и натаму може да излегувате и да функционирате на вообичаените начини“, вели Ленер.
Вели дека овој вирус може да се спореди со возач кој ќе прегази човек на пешачки премин и потоа ќе побегне. На тој начин успева да ја пронајде и следната жртва пред првата и да закрепне или да почине.
„Најпросто кажано, вирусот не се грижи дали вие ќе оздравете или ќе умрете, тој едноставно ќе удри и исчезнува од местото на настанот“, вели Ленер.
Според карактеристиките, овој коронавирус значително се разликува од вирусот на тешкиот акутен респираторен синдром – SARS кој предизвика пандемија во 2003 година. Имено, тој беше најзаразен откако поединецот ќе се разболеше, а во тој момент веќе знаеше дека мора да се изолира од средината.
Вирусот е нов, а нашите организми потполно неподготвени
Во 2009 година, во времето на претходна голема пандемија, онаа на свинскиот грип, луѓето беа во голем страв но на крајот беше утврдено дека тој вирус (А H1N1) и не е толку смртоносен како што се мислеше на почетокот. Бидејќи повозрасните лица веќе поседуваа одреден вид имунитет, поради претходните епидемии и поради сличноста на овој вирус со дотогаш познатите соеви на грипот.
Постојат уште четири коронавируси кои ги напаѓаат луѓето, а симптомите се совпаѓаат со обичната настинка.
Проф. Трејси Хасел во Универзитетот Манчестер вели дека коронавирусот SARS-CoV-2 е „нов, а нашиот имунолошки систем е неподготвен за него“, и додава дека новиот коронавирус може да претставува „вистински шок за имунолошкиот систем“. Вели дека овој недостиг од рана заштита може да се спореди со ситуацијата кога Европејците со себе во Новиот свет ги „однеле“ сипаниците кои за тамошното население имале смртоносни последици.
Создавањето на имунолошкиот одговор од нула претставува голем проблем за постарите лица, чијшто имунитет постепено слабее. Борбата против инфекцијата за човечкиот организам претставува низа обиди и промашувања на имунилошкиот систем, сѐ додека организмот на крајот не се избори со вирусот. Меѓутоа, треба да се истакне дека повозрасните луѓе имаат помалку Т-клетки, клучната компонента на имунолошкиот систем, па борбата против овој коронавирус воедно е и потешка.
Коронавирусот влече неочекувани потези
Заболувањето кое го предизвикува овој коронавирус – Covid-19, започнува како обична инфекција на белите дробови, иако се манифестира на невообичаен начин, а може да влијае на целиот организам. Проф. Мауро Џака од лондонскиот Кингс Колеџ вели дека бројните карактеристики на коронавирусот се „специфични“ за болеста што ја предизвикува, што ја прави „поинаков од кое и да е друго вирусно заболување“.
Појаснува дека вирусот не само што ги убива клетките на белите дробови, туку ги прави и дисфункционални, а тие потоа се здружуваат во големи дисфункционални клетки, коишто, како што се чини, во организмот остануваат уште извесен период.
Професорот Џака додава и дека доколку во случаите на пребродување на потешка форма на грипот следува „целосно обновување на белите дробови, тоа не е во случајот со коронавирусот“.
Згрутчувањето на крвта е уште една од честите последици на коронавирусот. Супстанциите кои влијаат врз згрутчувањето на крвта за „200, 300 или 400 пати“ се поголеми кај некои пациенти, вели проф. Беверли Хант од лондонски Кингс Колеџ.
„Искрено, во својата долга кариера доега уште ниеднаш не сум видела пациенти кај коишто крвта станува толку леплива“, вели Хант во интервјуот за Inside Health.
Многу пациенти патат од дебелина
Последиците од Covid-19 се потешки кај пациентите со поголема телесна тежина, а масните талози околу половината ја зголемуваат опасноста од тоа пациентот да заврши на интензивна нега или да подлегне на последиците од инфекцијата, што е уште една нова појава.
„Силната корелација со дебелината е нешто што досега не сме го забележале кога станува збор за другите вирусни инфекции. На пример, дебелите луѓе вообичаено подобро ги поднесуваат болестите на белите дробови“, вели проф Стивен О’Рахили од Универзитетот Кембриџ.
Додава дека е „уште една специфичност на коронавирусот, бидејќи не е забележана кај пациентите кои се заразиле со сезонскиот грип“.
Резервите на маснотии во организмот, односно во органите како што е црниот дроб, предизвикуваа метаболички нарушувања кога ќе се сретнат со вирусот. Кај дебелите пациенти се почести воспалувањата и настанувањето на протеините кои резултираат со згрутчување на крвта.