Зошто министерството за образование и наука плаќа за стипендии, но нема никаква контрола

Последниве години на оваа тема сум пишувал повеќе пати, но како да нема никаков слух и интерес од надлежните институции, почнувајќи од Владата од 2012, па се’ до оваа Влада која си замина. Министерството за образование и наука (МОН), односно државата плаќа за стипендии што ретко се враќаат. А, по завршувањето на студиите имаат и обврска да работат во Македонија.

Овој 12 годишен проект наиде на критики од јавноста поради перцепцијата дека студиските програми дополнително го стимулира веќе алармантниот одлив на мозоци.

Имено, општото мислење е дека стипендистите остануваат во странство по завршувањето на студиите, односно прекршуваат една од основните обврски што ги налага стипендијата.

Што покажува анализата на Независниот академски синдикат (НАкС)

Од добиените податоци од јавен карактер добиени од МОН на 11 месец 2023 година, анализата на НАкС за исплатливоста од студирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа, податоците се следни:

За периодот 2014-2017 година, од вкупно 61 добиена странска стипендија за прв циклус на студии на Природно-математичките факултети -13 стипендисти, Техничко-технолошки – 28, Медицински и здравствени – 0, Биотехнички-0, Општествени -17, Хуманистички -2.

При тоа за 52-ца стипендисти има податоци од стипендирањето, додека за 9 небиле најдени соодветни траги ниту податоци на МОН. Од 61 стипендист, 11 се вратени на позиции во Република Македонија, додека 41 или 67% (отсто) од  вкупниот број стипендисти се вработени во странство.

Од предходнта анализа може да се види дека за прв циклус на студии на странските универзитети, дури 67% (отсто) од стипендистите останале да работат во странство.

Прашање: За чии туѓи економии или јавни администрации Република Македонија развива со помош на сопствениот скромен буџет?

По завршување на прв циклус на студии (2013-2017) вработување нашле во:

  • Велика Британија 18 (44%), САД и Канада 11 (27%), ЕУ 5, Швајцарија 1, Емирати 1, Албанија 1, Србија 1, Израел 1

Што може да се види најбројни се стипендистите што студирале во Велика Британија. Во Велика Британија од вкупно 35 стипендисти останале 18 (околу половина) што претставува 44% (отсто) што по дипломирањето нашле вработување во странство. Во САД или Канада 11 се вработени по дипломирањето, 5 во некои од земјите на Европска Унија, 4 во Швајцарија, а по 1 во државите Арапски Емирати, Албанија, Србија и Израел.

Според тоа, вкупниот износ на овие, потрошени буџетски средства само во периодот 2013 до 2017 година, може да се процени на:

ОКОЛУ 2,5 милиони евра

И, ако се има податок, дека 67% (отсто) од овие пари биле потрошени за стипендирање на студенти кои по завршувањето се вработени во странски држави и дека МОН овие средства не направил обид да ги врати според пропишаните договори, тогаш се добива дека:

1,7 милиони евра биле потрошени за економски развој на туѓи држави. Истовремено, домашните студенти и академската заедница биле осиромашени за овој износ.

Втор циклус за стипендирање од 2010-2021 година, биле потрошени: околу 6 милиони евра.

Ако се има податок, дека 47% (отсто) од овие пари биле потрошени за стипендирање на студенти кои по завршувањето се вработиле во странски држави, и дека МОН овие средства не направил обид да ги врати според пропишаниот договор, тогаш се добива дека: 2,8 милиони евра, биле потрошени за градење хумани ресурси и економски развој на туѓи држави…

Види повеќе: naks.org.mk/wp-content/uploads/2023/11/analizi-na-naks-za-isplatlivosta—za-stipendiranje-na-prv-vtor-i-tret-ciklus-.pdf

Што е цел на истражувањето на МОФ-„Неискористен студентски потенцијал“?

Од истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“- истражување за стапките на успех на стипендиите доделени од МОН за студирање на универзитети кои се рангирани на првите 100 места според Шангајската листа, се констатирани и според анализата перцепцијата дека не е познат моменталниот статус за најголем број од стипендистите, односно тие не се вратени во државата да го исполнат својот дел од договорот. Зошто?

За ова констатција, одговор треба да дадат одговорните во МОН. А, од таму нема никаков одговор. Состојбата е алармантна!

Од истражувањето, младите сметаат дека процесот на селекција на стипендистите е нетранспарентен и не се доделува според  заслуга, а по завршување на студиите, државата не обезбедила/понудила соодветно работно место во јавната администрација според стекнатата диплома. Зошто???

И за ова констатција, одговор треба да дадат одговорните на МОН.А од таму нема никаков одговор. Состојбата е алармантна!!!

Заедничкиот содржател на истражувачите и авторите на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“ е дека и покрај сите пропусти не треба да се укинат стипендиите, туку неопходно е да се модифицираат условите за користење.

За ова имам повеќе прашања за одговори. Но оставам, одговорните на МОН да одговорат!

Дали доделените државни стипендии одат селективно и парите одат во ветар?

Во сериозни правни држави, кога државата плаќа за стипендирање за студирање на најдобрите 100 (сто) универзитети, според Шангајската листа, кои опфаќаат не само школарина, туку и трошоци за живот и преставуваат огромна инвестиција од страна на државата. Доделените финансиски стипендии трба да бидат проследени со строги услови, меѓу кои барање на примателите на стипендиите да се вратат во Македонија по завршување на студиите и да го применат своето стекнато знаење на одредени државни позиции. Зошто во Македонија не е така? Одговор барам од одговорните во МОН!

Што сум напишал во мојата книга-колумна ЛУДОРИИ?

Пред да преминам на истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“ и на што укажуваат младите истражувачи на МОФ, би сакал да истакнам, едно мое поранешно пишување во мојата книга: МАКЕДОНИЈА СО ХИБРИДЕН КРИМИНАЛЕН РЕЖИМ, 2021година, под наслов на колумната ЛУДОРИИ (ќе издвојам) сум напишал: …„Трета лудорија“. Ако се сака да се уништи еден народ или една држава започни со образованието. Тоа се искази уште од Платон. Жалосно, 40.000 илјади дечиња и повеќе во основното образование немаат елементарни услови да учат. Тоа значи се без комјутери и без интернет. Со право се реакциите во јавноста, како може МОН да издвојува 40.000 долари годишно и 150 илјади евра или денари годишно да се даваат на ќерката на Димитров и синот Локвенец, и да каже министеркта Цароска дека немаат пари да обезбедат за еден таблет од 50 евра за секој ученик. Ова е спротивно на Конвенцијата за правото на детето, која е потписник нашата држава Македонија. Каде што е најважниот интерес на децата, како и борба против дискриминација. Се чудам зошто не реагираат невладините организации во Македонија кои третираат прашања од правата на децата. Дали имаме хуманистичко образование, еднаков пристап кон сите деца во Македонија?

(види повеќе: arhiva. Kurir.mk/Makedonija/vesti/kolumna-na gjorgi-ilievski-ludorii 27 septemvri 2020/

Што покажува истражувањето на МОФ – „Неискористен студентски потенцијал“

Младите истражувачи на МОФ истакнуваат дека: „секое ниво на образование до сега е предмет на експериментирање, но државата, стремејќи да го потикне развојот на високото образование, да го прилагоди еквилибриумот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, воведува атрактивна програма за стипендирање, а потоа директно да го внесе знаењето и искуството во македонското општество. Но она што е факт што целосно се сложувам со истражувачите (за тоа сум и пишувал) дека нашето законодавство е јако на зборови (хартија), а слабо на дело, односно практично имплементирање“.

Што стои во Договорот што го потпишале стипендистите за студирање

Согласно Правилникот за видот на студентски стипендисти и доделување на стипендии на студенти во странство, корисниците на стипендијата врз основа на склучен Договор со МОН, со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на стипендијата… меѓу другото стои: По завршувањето на студиите прва договорена обврска која произлегува за избраните кандидати е за секоја година поминати на студии во странство, потребно е студентите да работаат две години во Република Македонија, односно по завршувањето на студиите и враќањето во Република Македонија избраниот кандидат е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни установи, при  што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации.

Сепак, забележливо е дека ваквиот тек на процесот не е редовна практика во државата, односно појава на тренд на неисполнување на обврските што ги налага стипендијата (невраќање во државата по завршување на студиите).

Зошто одговорните на МОН не вршат мониторинг?

Со право младите истражувачи на МОФ истакнуваат дека има нетранспарентност при процесот на распределба на стипендии, дека комуникацијата со корисниците на стипендијантите е ненавремена, понудите за работа не се соодветни и има потреба од ревизија на начинот на кој моментално се имплементира. Значајните  пропусти  во имплементацијата на стипендиите, податоците на МОН и искажаните искуства на бивши стипендисти говорат ( од исказите на истражувачите) за недоволна и несодветна евиденција што се води за стипендистите, недоволен мониторинг, односно наблудување, следење, проследување во процесот на студирање, како и слаби напори да се обезбедат соодветни работни места, што одговараат на квалификациите стекнати од студентите.

Го поставувам прашањето до одговорните на МОН: Дали има образовен криминал и корупција? Сомнежите го покажуваат тоа!

Кои студенти ја користеле државната стипендија од МОН?

Како што истакнуваат авторите-истражувачи на МОФ дека: „Поразителен е фактот што приватните средни училишта имаат вработени лица задолжени за кариерно советување и тие ги насочуваат студентите кон оваа државна стипендија, што не е случај со државните училишта. Иако МОН не им доставиле од кое средно училиште доаѓаат корисниците на стипендијата, ние забележуваме дека има доста диспропорционален, односно дека повеќе од овие стипендисти се искористени од деца кои студирале во приватни средни школи“.

Чии деца се претежно приматели на стипендија?

Како што истакнуваат авторите на проектот на МОФ и нивните сознанија е дека: „приматели на стипендијата се деца на  функционери, што не е во ред. Нема ништо лошо доколку студентите ја заслужуваат стипендијата, но да се даде само  затоа што се лица на функционери е лошо и поразително“.

За ова треба да одговорат,одговорните на МОН! Дали е точно, сигурно не се деца од социјални случаи! Каква дискриминација. Зошто се кријат имињата и презимињата на примателите на странски стипендии. И колку меници се активирани за повраток на парични средства?

Колку студенти ја користеле државната стипендија од МОН?

Според, младите истражувачи на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“, од 2012 година, заклучно со 2023 година, државата стипендирала 389 студенти, а од прилика давала 160.000 илјади долари за еден стипендист. Поконкретно кажано:

389 студенти X160 000 илјади долари = 62.240.000 долари

Се поставуваат многу прашања за одговор: Дали овие пари се фрлени во воздух? Зошто МОН не објавува список на државни стипендисти со име и презиме?

 Дали овие  62 милиони долари, би било покорисно и би имало поголем ефект, да се вложувале во науката и истражувањето во Македонија? Има и други прашања за одговор. И тоа: Новата Влада да направи целосна ревизија во МОН, за досегашната работа на МОН, во доделувањето на стипендии од прв, втор и третциклус на студии во странство! Веднаш да се стопира новиот  Конкурс за доделување на стипендии за академските студии од прв циклус во странство за академската 2024/2025 година? Има индиции и сомнеж за криминал и корупција, од извршени констатции и анализи. Мора да има одговорност!

Колку се вложува во науката и истражувањето

За науката има најмал буџет во последнава деценија, а предходниот министер Јетон Шаќири, секаде на јавни настапи се фалеше во вложувања во научните истражувања.

Па да се потсетиме дека Буџетот за наука предвиден за 2023 година, со предлог буџетот кој го изгласа Владата, изнесува само 268 милиони денари и е најнизок во последниве десет (10) години. Дополнителни, иако државниот Буџет секоја година се зголемува, за 2023 година, за наука биле предвидени дури 42% (отсто) помалку пари во споредба од 2014 година, а следната се предлагаат дури 66% (отсто) помалку во споредба со 2014 година.

Факти

Буџетот за наука (2023г) изгледа вака: во 2014 – 0,45%, 2015-0,40%, 2016-0,26%, 2017- 0,24%, 2018-0,15%, 2019-0,14%,2020-0,12%, 2021-0,16%, 2022- 0,15%, 2023-0,08% (Извор: Буџет на Република Македонија).

И,И,И?

Ништо не е за изненадување што нашите македонски универзитети доживуваат бродоломи во високото образование и наука.

Образованието е столбот на државата. Какво ни е образованието таква ни е државата.

Што рекол Бенџамин Френклин: „Инвестицијата во знаењето дава најдобри камати“ или Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.

Што прави Македонија за науката? НИШТО- ZERO!

Да са изврши ревизија и сопре образовниот криминал и корупција, во делот на доделените стипендии и колку е постапено согласно потпишаните Договори!

НА ПОТЕГ Е НОВАТА ВЛАДА!

АЈДЕ МОН- ВО БОРБА ПРОТИВ ОБРАЗОВНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес