Деновиве сме сведоци на засилени судско-обвинителски комисии за истражување на обвинителско-судските предмети кои се однесуваат на Мерко – Нон грата на САД. Малку чудно е што овие комисии како да не си ја извршувале законито и професионално досега надзорната надлежност во изминатите години.
Имено, познато е дека во текот на секоја година се врши контрола од повисоките обвинителства и судови над пониските, што би значело дека тие во изминатите години само про – форма ги посетувале обвинителствата и судовите во Струга и Битола. Дали нивните извештаи за контролата од изминатите години постојат и дали е потребно да си погледнат што напишале за судот во Струга, Битола? А за Судскиот совет и за Советот за јавни обвинители постојат поголеми сомнежи и затоа тие треба да понесат одговорност за нивното досегашно работење. После свадба музика?
Во право се САД кога зборуваат за влијание и корупција од Мерко. Доказ за тоа е што овие случаи со години се чувале во фиока и се чекаше дури сега да се истражи зошто е тоа така. Е тоа е влијание или поедноставно, страв на институциите да одат и да се напијат кафе во дворот на Мерко. Тие иако добивале случаи, не помислувале да ги процесуираат и да побараат одговорност. Нели е срамно дури сега тоа да се направи. И кој знае како ќе заврши. Времето е лек за се. Верувам дека доколку се развлече истражувањето нема да се добие резултат. Но, тогаш ќе биде навистина опасно за власта и нејзината желба да се затскријат фактите.
На 12.02.2020 година, на средбата со претседателот Киро Здравев на Судскиот совет го запознав за Основниот суд Струга, кои повеќе од пет години се водат судски прекршочни постапки од страна на Државниот просветен инспекторат против Меѓународниот универзитет во Струга. За ова се запознати и амбасадите во нашава држава, дека повеќето донесени прекрошни постапки се ослободителни. Пресудитте се однапред јасни. Не може да се пресуди ништо против струшкиот универзитет, зашто некои судии од струшкиот основен суд, Апелациониот суд-Битола и Управниот суд -Скопје се, или биле вклучени во активности на овој универзитет. Кон ова треба да се додаде и политичкиот момент поради блискоста на некои политички активности со овој универзитет. На овој универзитет се констатирани законски пропусти согласно Законот за високо образование со ненострифицирани дипломи на странски студенти, ненострифицирани дипломи и избор во наставно-научни звања, како што е примерот со градоначалникот на Струга-Рамиз Мерко- НОН ГРАТА на САД, потоа на нотарката Беса Кадриу во наставно-научно звање доцент( Зошто молчи нотарската комора на Република Македонија?), понатаму ангажираноста на (сега) заменик министерот за образование и наука Агим Нухиу, а сега Мерко е и вонреден професор. На таа средба со претседателот Киро Здравев, ми вети дека ќе постапи по мојата преставка согласно надлежностите на Советот да се превземаат соодветни дисциплински и други мерки, а тоа значи со можност за разрешување на судии за нестручно и несовесно вршење на судската функција. Од тоа до денес нема ништо, нема никаква постапка. Има само лага, лага, лага…
Сепак, да се навратам на насловот на текстот.
Зошто не е формирана комисија да се истражи како влијанието на Мерко овозможи да се одвива образовен криминал во неговиот универзитет во Струга? Министре Јетон Шаќири, вие што доаѓате од тој универзитет што чекате? Треба ли јас да ве потсетам дека САД зборуваат за влијание и корупција на Мерко. Ама тоа што се работи изминатите години на универзитетот во Струга, почнувајќи од мојата инспекција кога бев оневозможен до сега е застрашувачки. Од кого повеќе се плашите: од Мерко или од Армен?
Министре Јетон, дали не сфативте дека пораката на САД повлекува и ваша оставка. И вие сте унапредени во наставно-научно звање доцент, пред да ви се нострифицира дипломата која сте завршиле во Република Албанија. Тоа е образовен криминал!!! Вие сте еден од пипците кои го штитат Мерко во образованието.
Следни се Одборот за акредитација во високото образование и истите треба да дадат одговор како ги доделуваат акредитациите за студиски програми на Универзитетот во Струга. И кривично да одговараат доколку има основ.
Почитувани, фатете се веднаш за работа. Итно формирајте комисија за истражување на овие состојби и откривање на влијание на личноста НОН ГРАТА.
Ајде формирајте комисија за ревизија на мерковиот универзитет!!!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес