Натчовечки напори вложија струмичките пожарникари и нивните колеги за локализирање на пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во центарот на Струмица. Огнот кој зафати голем дел од внатрешноста на објектот им оневозможуваше на пожарникарите да влезат и однатре да реагираат, бидејќи според првичните информации, огнот започнал од правецот на задниот влез којшто се користи за дотур на стока, објави телевизијата тв-ВИС.
Сепак, внатре имале нов проблем. Ниту еден хидрант од повеќето поставени во обејктот не бил во функција, односно немал вода. Иста е ситуацијата и со хидрантите во градот. Тие се нефункционални. Вентилите на хидрантите во градот не се компатибилни со опремата и стандардите на приклучоците коишто ги користат струмичките пожарникари, па според тоа, и тие се бескорисни. Ваквите услови ги принудиваат пожарникарите да се враќаат до пожарната и да полнат вода, што ги забавува и трошат драгоцено време.
Оттука се поставува прашањето дали се работи за корупција или за неодговорност? Како и за тоа кој направил технички прием на зградата и дал дозвола за работа на „Глобал“?
Објектот, за жал, сѐ уште не е целосно безбеден од нов пожар и ќе мора да се чува уште некој ден. Велат дека ги разбираат реакциите на граѓаните, но, дека е потребно да се запознаени со целата ситуација за да ги согледаат правилно настаните.
Овој трговски центар во јавноста е познат по аболицијата токму на Зоран Заев. Струмичкиот градоначалник беше уапсен па аболициран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски под сомнение за вина за изградбата на „Глобал“ за која документите тогаш презентирани во медиумите покажуваа дека е бесправна.
Актуелниот премиер Зоран Заев, кој своевремено беше градоначалник на Струмица, е единствениот аболиран политичар во Македонија, во случај токму поврзан со споменатиот трговски центар „Глобал“. Лидерот на СДСМ во повеќе наврати рече дека е подготвен да се соочи со обвинениото за криминалот од 8 милиони евра кој му се става на товар за случајот „Глобал“ но всушност расветлување на слуачјот досега немаше.
Во легализација на објектот поради кој во 2008 година беше уапсен Заев учествувале сопственици на фирмата „Де лукс инжинеринг“ кои истовремено биле и косопственици на фирмата „Сара инжинеринг“, каде сопственик е и родениот брат на Зоран Заев, Вице Заев. Двете фирми кои се јавуваа како сопственици на објектот „Глобал“ така директно биле поврзани со луѓе блиски со тогашниот градоначалник Заев. Тогаш упатени во случајот „Глобал“ сведочеа дека тоа е „школски пример“ како имот изграден на незаконски начин преоѓа во рацете на кланот Заеви.