Зошто со години доцнат клучни правилници и мерки за енергетската ефикасност?

За да се произведе ист производ или за да се добие иста услуга како што се произведува во некоја земја во Европската Унија, кај нас ќе се потроши два пати повеќе струја. Тоа се нарекува нерационалност во потрошувачката.

Еко-свест истражуваа зошто и покрај тоа што согласно Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност, досега се подготвени и усвоени повеќе стратешки документи со кои на голем број правни субјекти од различни категории пропишани им се конкретни обврски и рокови, работата уште стои.

А тоа се должи на повеќе причини меѓу кои и тоа што кај нас нема законска обврска за исполнување на одреден минимум во однос на енергетската ефикасност на објектите, опремата, производството, преносот и дистрибуцијата на енергија. Со години доцни носењето на правилниците кои треба да ги регулираат овие работи.

Со законите е предвидено општините на секои три години да подготвуваат Програма за енергетска ефикасност со детални податоци и анализа за потрошувачката, со цели и планирани мерки по сектори заедно со рокови, буџет и одговорни лица… Но, повеќето општини немаат такви програми.

Се предвидува зградите од јавниот сектор да ги исполнуваат минималните карактеристики за енергетска ефикасност, Службата за општи и заеднички работи при Владата да подготвува и објавува список на зградите со вкупна корисна подна површина над 250 m2 кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики на згради. Службата треба да подготвува предлог план за реконструкција на најмалку 1% од вкупната корисна подна површина на зградите кои се објавени на списокот, на годишно ниво. Институциите кои изнајмуваат простории треба да го прават тоа во згради и објекти со сертификат за енергетски карактеристики кој ги исполнува минималните барања.

Според Законот, без потврда за енергетска ефикасност, не може ниту да се добие одобрение за градба, а услов за добивање на одобрение за употреба на објектот е поседување на сертификат за енергетски карактеристики. Меѓутоа, Правилникот за енергетска контрола и Правилникот за енергетски карактеристики на згради сѐ уште не се подготвени, ниту се во нацрт верзија.

Затоа и покрај тоа што кај енергетската ефикасност на зградите има најголем потенцијал за заштеда, таму имаме најслаб напредок.

Постои и значителен јаз помеѓу реално инвестираните средства и вистински потребните средства. Во Македонија, проценето е дека се потребни 302 милиони евра за инвестиции во енергетска ефикасност за зградите, наспроти инвестираните 165,5 милиони евра во периодот 2010-2020 и обезбедените 33 милиони евра во периодот потоа .

За финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност, Законот предвидува и формирање на Фонд за енергетска ефикасност и ЕСКО претпријатија (правно лице што обезбедува енергетски услуги или други мерки заради подобрување на енергетската ефикасност кај своите корисници, а плаќањето за услугите е целосно или делумно засновано на постигнатото подобрување на енергетската ефикасност или постигнување на други договорени критериуми).

Но, и за ова, и по 3 години од носењето на законот, правилниците со кои ова треба да се регулира овој Фонд уште не се донесени.

Значајно се занемарени и големите индустриски постројки и спроведување на мерки за енергетска ефикасност во овие капацитети. Практично и да не постои стимулација за штедење во овој сектор на национално ниво, ниту пак за малите и средните претпријатија.

Во однос на потрошувачите, исто така не се води сметка за промена на однесувањето и нивно соодветно информирање за енергијата, но и за количината на потрошена енергија. Досега скоро и да не постојат никакви фискални стимулации, пристап до финансирање и проекти кои ќе допринесат за подобрување на енергетската ефикасност во финалната потрошувачка на енергија.

Не се спроведуваат ниту подзаконските акти за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, со кои секој потрошувач треба да плаќа за  топлинска енергија според измерена количина (според калориметар). Со тоа и нема поттик кај дел од потрошувачите порационално да ја трошат топлинска енергија и да ја подобруват изолацијата.

Во делот на означувањето на енергетски ефикасни производи, процесот стагнира кај енергетското означување кај котлите на цврсти горива и кај греалките. Со оглед што тие широко се употребуваат ова е сериозна бариера во подобрување на енергетската ефикасност кај финалната потрошувачка.

Скопје остана единствен град со систем за централно греење. Со години нема значителен напредок не само во изградбата на централни топлификациски системи во градовите, ниту пак во проширување на мрежата во Скопје. Кај субвенциите на замена на старите печки пак не се мери колку се тие ефикасни и колку придонеле за заштеди и намалување на аерозагадувањето.

Прочитајте ја целата анализа.