Зошто забраната за работа на станицата е издадена веднаш по несреќата во Бугарија, а не три и пол месеци претходно кога бил изготвен таков предлог од надлежните служби? – истражува „360 степени“.
Основното јавно обвинителство Скопје истражува зошто во МВР повеќе од три месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот што изгоре во Бугарија.
Министерот Оливер Спасовски и неговиот кабинет и натаму молчат – зошто станицата е затворена веднаш по трагедијата во Бугарија, иако пропустите во работата биле откриени многу порано.
По сторијата на „360 степени“, одговори побараа и дел од партиите.
„Поддржување министер кој три месеци во фиока го чува предметот за затворање на станицата за технички преглед, во која бил регистриран и кобниот автобус на „Беса Транс“, порача Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската дебата за избор на новата Влада.
„Спасовски мора да каже зошто дозволил оваа станица да работи уште три и пол месеци по констатираните неправилности и до кога мислел да дозволи да работи?“ праша Зулфи Адили од Алијанса за Албанците.
Дали и зошто се тактизирало?
За едно возило да може да учествува во сообраќајот мора да помине низ процесот на технички преглед, осигурување, регистрација… Вакви услуги до неодамна нудеше и компанијатата „Виа Комерц – Џемаљ“ во скопско Глумово.
Тука, во октомври, последна контрола минал и автобусот на „Беса транс“, кој изгоре во Бугарија на крајот на ноември при што загинаа 45 лица. Три дена по трагедијата, без да биде информирана јавноста, Спасовски привремено ја ставил компанијата под клуч.