Зошто жените се почувствителни на високи температури од мажите?

Жените би можеле да бидат поранливи од мажите на екстремните температури кои деновиве се бележат во Европа, сметаат експертите. Во Планот за топлотен удар објавен деновиве во Англија, се наведува дека меѓу ризичните групи, покрај постарите од 75 години, бебињата и малите деца, лицата со тешки физички и психички болести, спаѓаат и жените.

Планот не објаснува зошто жените се на списокот, но британската агенција за здравствена безбедност цитира студија спроведена во Холандија, која ја разгледа стапката на смртност по топлотните бранови и покажа дека постарите жени имаат поголем ризик од смрт од мажите.
Истражувачите наведуваат дека резултатите не можат да се припишат само на возраста, пишува британски The Guardian, пренесува N1 Zagreb.

„При иста возраст, стапките на смртност кај жените се за 15 проценти повисоки“, напиша тимот во анализата на податоците за топлотниот бран во 2003 година што ја погоди Франција.

Друга студија, спроведена од истражувачи во Германија и Холандија, ги разгледа 23-годишните податоци за температурата од Холандија, заедно со податоците за стапката на смртност. Тие откриле и разлики меѓу жените и мажите.

„Смртноста предизвикана од топлина е почеста кај жените отколку кај мажите, особено кај најстарата возрасна група, која ги вклучува оние постари од 80 години, изложени на екстремна топлина“, објаснуваат научниците кои работеле на студијата.

Се чини дека ова не се објаснува со фактот дека постарите луѓе се поподложни на топлина и дека жените генерално живеат до постара возраст од мажите, додаваат тие.

Според авторот на студијата Хајн Данен, професор по физиологија на Универзитетот во Амстердам, тимот шпекулирал дека помалото производство на пот кај жените отколку кај мажите може да игра улога.

„Грубо, постарите луѓе се потат половина повеќе од младите, а жените се потат двојно помалку од мажите“, вели Данен. Со други зборови, вели студијата, „способноста на постарите жени да ја регулираат телесната температура со потење е најниска од сите групи“.

Тимот исто така наведува дека топлотниот стрес на кардиоваскуларниот систем може да биде одговорен за повисоката смртност.

„Стресот на кардиоваскуларниот систем е поголем кај жените, што потенцијално ја објаснува нивната повисока стапка на смртност на повисоки температури“, напишаа истражувачите.

Друга можност, додаваат тие, е дека постарите жени имаат поголема веројатност да живеат сами, познат фактор на ризик за време на топлотните бранови, и генерално се помалку активни од мажите, иако се поактивни кога станува збор за домашните работи.

„Жените кои се помалку фит и продолжуваат да се занимаваат со домашна работа за време на топлотните бранови се изложени на поголем ризик од прегревање од мажите, што предизвикува стрес на нивниот кардиоваскуларен систем“, напишаа истражувачите.

Оли Џеј, професор на Универзитетот во Сиднеј, исто така наведува дека студиите покажале дека максималната стапка на пот кај младите здрави жени е помала отколку кај нивните машки врсници.

„Сè уште не знаеме дали тоа е причината за повисоките стапки на смртност кај жените за време на топлотните бранови. Нејасно е дали постои корелација помеѓу полот и возраста“, објаснува Џеј.

Мајк Типтон, професор по физиологија на Универзитетот во Портсмут, вели дека жените можеби се поранливи бидејќи имаат повисока телесна температура по овулацијата и често се помали од мажите. Затоа, тие имаат поголем сооднос маса-површина на телото, што значи дека се загреваат побрзо.

Сепак, „најверојатниот одговор е дека тоа е комбинација од фактори и треба да направиме повеќе истражувања за да разбереме што се случува“, вели Џеј.