Поминаа повеќе од 15 месеци откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на почетокот на јуни 2017 година, на средба со Амбасадорот на САД, Џес Бејли, најави дека приоритет на Министерството за внатрешни работи ќе биде реформата на безбедносните служби. Оттогаш до денес, најмалку шест пати Оливер Спасовски го повтори истиот тој приоритет во свои изјави и интервјуа.
Но, оттогаш до денес, за Оливер Спасовски беше приоритет да се појави на над педесетина партиски митинзи, трибини и настани, најчесто во друштво со Зоран Заев и Мухамед Зекири, и сите овие настани ги искористи како за своја лична промоција, така и за билдање на перцепција помеѓу народот како најмоќен министер и незаменлив лик во Владата на СДСМ.
Препораките за надминување на забелешките кои беа дадени од експертската група на чело со Рајнхард Прибе, Оливер Спасовски вешто избегнува да ги имплементира повеќе од две години. Ништо значајно не соопшти ниту пред неколку дена на помпезната прес конференција, туку само повтори одредени (декларативни) заложби што веќе и’ се познати на јавноста, бидејќи веќе премногу пати ги имаме слушнато. Факт е дека од поодамна, и тоа без негов посебен придонес, веќе е направена детална и стручна анализа во која се предлагаат три модели за понатамошно реструктурирање на безбедносните служби. Истото го напомена и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски, во неодамнешното свое (случајно или не) предреферендумско интервју.
Што е причината поради која ниедна препорака, како онаа за ветинг (што всушност значи проверка на интегритетот и доверливоста на припадниците на министерството), која беше посочена од Прибе, досега Спасовски во своето 15 месечно министерување не ја реализираше?
Одговорот лежи во политичката опсада, која тој заедно со Зоран Заев, ја извршија врз безбедносниот систем, се’ со цел негово максимално искористување во политички цели. Видовме дека постои искрена желба кај директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, да ја издвои оваа служба од Министерството за внатрешни работи, но за жал не успева поради бројните партиско-клановски структури, кои сегашната неограничена неодговорност и партизираност на службата ја користат за постигнување целосна контрола врз политичкиот живот во Република Македонија, секако во корист на Зоран Заев и СДСМ.
Дури и самиот Заев, после референдумскиот исход не е во состојба да процени што по неговиот рејтинг е најисплатливо да направи во делот на реформата на безбедносните служби. Идејата на неговите два потпретседатели и безбедносниот советник, за креирање на една мега концентрирана служба под негов премиерски мандат, колку и да му звучи примамливо, сепак му остава простор за сомнеж, што во случај доколку се кандидира за претседател на следните претседателски избори? Дали таквата позиционираност која сега би ја одобрил би значело дека тој како втор столб на извршната власт би останал без никаква можност да добива релевантни безбедносни информации односно да добива „на лажичка“ она што ќе му го сервира идниот Премиер? Ваквата ситуација безбедносната заедница ја памети во 2010 година кога имаше сличен ваков обид, кој сепак заврши неуспешно. Дали е сегашниот момент погоден за да се креира служба која целосно ќе се фокусира на заштитата и опстанокот на политичката врхушка која е на власт? Ова веќе го видовме во регионот, по доаѓањето на власт на Александар Вучиќ и на Еди Рама, каде што тамошните служби ги загубија безбедносните приоритети, на сметка на политичките и лукративни приоритети на своите премиери.
Дали истото ќе се дозволи да се случи и во пост-референдумска Македонија, во која доколку до април 2019 нема реформи, нема да има ниту почеток на преговори во јуни 2019, останува да видиме во наредниве неколку месеци. Од друга страна, можеби желбата за концентрирана служба е порив на Оливер Спасовски, кој ако би станал премиер, би имал неограничена моќ и тотална контрола врз безбедносниот сектор.
Автор: Александар Нацев за НетПрес