ЖРК Вардар не успеа, за чекор против Ѓер во освојувањето на европската титула

(Фото: zrkvardar.mk)

Ракометарките на македонскиот шампион ЖРК Вардар во еден од најнеизвесните финални натпревари за европската титула не успеаја против домашниот Ѓер по петнаесет години повторно да го донесат посакуваниот трофеј во Скопје, откако во Будимпешта по седумдесет минути игра беа поразени со 30:31 (26:26, 12:15).

Во четвртиот обид и по трите бронзени медали, ракометарките на Вардар се пласираа во финалето и го освоија сребрениот, во меч во кој и покрај падовите се враќаа во игра и до последниот звук на сирената на домашните навивачи не им дозволуваа предвреме да ја прослават за Ѓер третата титула. Треба притоа да се истакне дека скопските ракометарки во последните моменти до крајот на регуларниот дел од мечот при нерешен резултат 26:26 не успеаја да реализираат напад за водство и веројатно за победа, по што мечот отиде во продолженијата од двапати по пет минути.

Во продолженијата Ѓер веднаш се одлепи на три гола (29:26), но Вардар успеа да си создаде шанса за второто продолженија намалувајќи на 28:29. Во второто продолжение продолжи изедначената игра, а се чини клучен беше моментот кога при резултат од 30:29 во полза на домаќинките, „вардарки“ со играч повеќе не успеаја да реализираат напад, по техничката грешка и пробивањето на Лакрабер. Потоа Мерк постигна гол за водство, 31:30, а последниот напад од 40 секунди го имаа домашните ракометарки со толеранција на судиската двојка ја задржаа топката во свој посед до крајот.

Инаку мечот Вардар го започна со чести технички грешки што беше и главната причина за водството на Ѓер. Вардар поведе, а Ѓер израмни и го презеде водството. Потоа се играше израмнето до 16 минута, кога Александра Лакрабер беше исклучена, а Ѓер тоа го искористи за два гола во серија. На секоја техничка грешка на вардаровите ракометарки, домашните возвраќаа со гол, па постигна ауште два, а Вардар имаше еден лош период без постигнат гол кој траеше цели десет минути. Иако Ина Суслина токму во тој период имаше и три одбрани, во нападот Вардар играше без решение, со технички грешки и промашувања, што Ѓер го искористи да се одлепи на „плус 4″.

Во првото полувреме Ѓер имаше 52 отсто реализација на нападот и 71 отсто одбранети топки, за разлика од Вардар каде тој процент беше помал, 40 отсто одбранети топки и 60 отсто во нападот. Повторно Вардар забележа и осум загубени топки во овој период. Сепак, со мин исерија Вардар се приближуваше.

Во второто полувреме на голот на Вардар застана Мајса Песоа што донесе резултат и полека скопскиот тим ја топеше предноста на противникот. Но новите промашувања му овозможија на Ѓер повторно да оди на „плус три“ (17:20). Сепак, по добрите одбрани на Песоа и реализацијата на Пенезиќ во 47 минута Вардар намали на 19:20. Следните напади ја одржуваа предноста на домашните, а кога Ѓер зголеми на два гола предност клупата на скопјанки зема тајм-аут за договор како да се одиграат последните десет минути.

При резултат 23:24 за Ѓер, Нора Мерк шутираше над голот на Вардар, а во следниот напад Човиќ беше исклучена на две минути. Но тогаш блесна Ања Алтхаус која го донесе израмнувањето. Во последната минута се влезе со израмнет резултат (26:26), иако Вардар беше со играч помалку. На помалку од минута до крајот на регуларниот тек Ѓер имаше напад но неговите ракометарки направија пробив во напад, па на дваесеттина секунди до крајот Вардар имаше шанса за титулата, но не успеаја да дојдат до изгледна позиција за шут на противничкиот гол, па последниот удар од девет метри на Андреја Пенезиќ беше амортизиран од домашниот блок, како и на крајот од првото полувреме кога одбрани Гримсбо.

Алтхаус и Лакабрер со по шест гола беа најефикасни во редовите на Вардар, по четири голови постигнаа Радичевиќ, Лекиќ и Пенезиќ, додека најдобар стрелец кај Ѓер беше Горбиц со седум гола.

На Пенезиќ по завршувањето на финалето и беше врачено признанието за најдобар стрелец во Лигата на шампионите со вкупно 98 голови, пред Изабел Гулден која претходно во дуелот за третото место постигна девет голови но заокружи на 92 погодоци, што значеше дека „вардарката“ е недостижна, затоа што следни на листата беа ракометарките на Будуќност, Кристина Неагу со 90 и Катарина Булатовиќ со 89 голови.