Ракометарките на Вардар во петокот вечерта со сигурната победа над германски Битигхајм со 30:22 (13:8) и со 16 бода го обезбедија првото место во групната фаза од Лигата на шампиониките веќе во 5-то претпоследно коло и се доближија до повторен пласман на „фајнал фоур“ турнирот во Будимпешта.
Вардар важеше за фаворит и пред натпреварот со противникот кого со голема разлика го совладаа на негов терен пред речиси еден месец, а откако гостинките допатуваа во Скопје со десет ракометарки, од кои два голмана, беше јасно дека не би требало да има проблеми.
Вардарки повторно со проблеми го започнаа и овој дуел и не можеа резултатски да се одлепат, и покрај неколкуте водства од два гола предност (4:2, 5:3 7:5), и борените ракометарки на Битигхајм во овој период достојно парираа и успеваа да дојдат до израмнување играјќи цврста одбрана.
По израмнувањето 7:7 во првото 21 минута, конечно на голот профункционира Амандин Лејно која овозможи два лесни гола за Вардар и водство од 10:7. Набрзо во 27 минута домашните ракометарки ја зголемија предноста на 12:8, а на крајот од првиот дел остварија предност од „плус пет“ (13:8).
Второто полувреме започна со силен притисок на Вардар поддржан од Лејно и остварување на највисоката предност дотогаш од 18:11. Во тие моменти веќе се надѕираше конечниот исход од вечерашниот дуел. Во 45 минута „вардарки“ веќе имаа предност од девет голови, што овозможи разигрување и на ракометарките кои добиваат помала минутажа во Лигата на шампионките.
Андреа Лекиќ постигна 8 гола, Сара Ристовска 4, а по три постигнаа Пенезиќ, Радичевиќ и Цвијиќ.
Во последното коло Вардар гостува кај Будуќност во Подгорица.
По третпат главната фаза од ЛШ ЖРК Вардар ја завршува на првата позиција, по сезоната 2013/2014 кога тоа значеше и директен пласман на Ф4 турнирот, и минатата сезона. Сега македонските шампионки го очекуваат исходот од последните две кола од Група 1 каде можни противници се дански НХФ Никобинг, словенечнки Крим и уште еден дански претставник Митјиланд преку кој Вардар мината година се пласираше меѓу четирите најдобри екипи во Европа.