Повикувајќи се на пресумпцијата на невиност, папата Франциск не ја прифати оставката на францускиот кардинал Филип Барбарен осуден поради тоа што не ги пријавил обвинувањата за сексуално злоставување против еден свештеник.
Осуден на 7-ми март на шест месеци затвор условно, бидејќи не ги пријавил обвинувањата дека еден свештеник од неговата епархија злоставувал момченца, кардиналот Барбарен во понеделникот бил на аудиенција кај папата Франциск за да му ја предаде оставката.
„Во понеделникот утрото ја ставив својата мисија во рацете на Светиот отец. Повикувајќи се на пресумпцијата на невиност, тој не сакаше да ја прифати оваа оставка“, соопшти Барбарен.
Ватикан од своја страна потврди во соопштение дека „Светиот отец не ја прифати оставката што му ја поднесе кардиналот Филип Барбарен“, надбискуп на Лион од 2002 година, а кардинал од 2003 година.
Шеесет и осумгодишниот Барбарен според тоа ќе остане епископ на Лион и ќе го дочека решението од жалбената постапка. Одлучил, сепак, „да се повлече на извесно време“ од должноста и да го препушти водењето на бискупијата на генералниот намесник (викарот), по „сугестија на Папата“.
Судот во Лион пресуди дека кардиналот во периодот од јули 2014 до јуни 2015 година ги забошотил обвинувањето на десетина момченца дека свештеникот Бернар Преијнат сексуално ги злоставувал во 1980-те и 1990-те години. Барбарен ги отфрла обвинувањата, додека Преијнат кому ќе му се суди подоцна годинава ја призна вината.
Одлуката на Папата предизвика огорченоста кај жртвите. „Не верував дека Папата би можел да стори таква грешка. Ова е неверојатно“, вели Франсоа Девоз, коосновач на здружението на жртвите „Јавен збор“. „Мислам дека овој човек ќе ја уништи Црјквата“, додава неговиот колега Пјер-Емануел Жермен-Тил, оценувајќи дека одлуката е „шокантна“ и „уште еден погрешен потег на Папата“