Зверев сигурен против Де Минор за полуфинале на Ролан Гарос

Германскиот тенисер со руско потекло Александр Зверев по четврти пат ќе игра во полуфиналето на турнирот Ролан Гарос откако во четвртфиналето го совлада Австралиецот Алекс Де Минор со 6-4, 7-6(5), 6-4.

Зверев пред оваа година играше во полуфиналето на црвеницата во Париз во 2021, 2022 и 2023 година, а во оваа прилика на патот до првото финале во Париз му стои Норвежанецот Каспер Руд. Норвешкиот тенисер без борба се пласираше во полуфиналето откако Новак Ѓоковиќ го напушти турнирот поради повреда на десното колено.

Во вторникот Италијанецот Јаник Синер и Шпанецот Карлос Алкараз изборија меѓусебен полуфинален меч во долниот дел од жрепката.

Зверев пред мечот против Де Минор имаше два меча по ред во кои одигра по пет сета, во третото коло против Холанѓанецот Гриекспор и во осминафиналето против Данецот Руне. Иако го победи Австралиецот во три сета, тоа беше нов голем предизвик за Зверев, кој уште еднаш реагираше на најдобар можен начин.

Во првиот сет, Зверев мораше двапати да го одземе сервисот на противникот за да поведе со 1-0 во сетовите, додека во вториот исто така прв стигна до брејк, кој Австралиецот веднаш го врати. Најголемата борба се случи на крајот од вториот сет, каде Австралиецот потроши бројни можности.

Де Минор промаши еден сет-поен на сервис на противникот при 6-5, додека во тај-брејкот имаше водство од 4-0 и 5-3. Сето тоа не му беше доволно за 1-1, а при 3-5 во тај-брејкот Зверев постигна четири одлични поени за 2-0 во сетови.

Во третиот, Де Минор падна за нијанса во својот настап, а Зверев го казни сето тоа со победата на таа делница со 6-4 и се пласираше меѓу четирите најдобри во Париз. На 5-3, Зверев сервираше за победа. Де Минор го врати брејкот, но веднаш падна на својот почетен сервис и го потпиша поразот.