Австриските компании се задоволни од економската клима

Австриските компании во Македонија се за нијанса пооптимистични за економската ситуација во државата за разлика од 2013 година. За следната година, 60 отсто од нив очекуваат раст на прометот, нови вработувања и зголемени инвестиции.Тие задоволително ја оценуваат атрактивноста на Македонија како дестинација за странски директни инвестиции.

Во однос на општите услови за работа, најголемите разлики меѓу очекувањата и реалноста се јавуваат во областите како платежен морал, борба против корупција и напредок во ЕУ интеграциите.

„Во Македонија има околу 45-50 компании од Австрија кои се со свои филијали или претставништва. Претежно дејствуваат во услужниот сектор, а нема ниту една во производство, но се изразува надеж за промена на оваа ситуација,“ изјави Герхард Шлатл, шеф на Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје.

Најголем дел од австриските компании се со мал број на вработени, а вкупниот број изнесува до 6000. Важно е да се истакне дека австриските работодавци се задоволни од квалификациите на работниците тука.

„Би сакал да потенцирам дека, лани на прашањето како ја оценувате економската состојба со добро одговориле 12 отсто, а годинава 23 отсто. За предвидувањата за следната година, лани дека ќе биде подобро одговориле 27 отсто, а годинава 40 отсто. Половина од испитаниците одговориле дека нивниот сектор во 2015 ќе се развива подобро. Овие показатели ни даваат за право да заклучиме дека австриските компании се пооптимистични за економската состојба и за предвидувањата за следната година,“ додаде Шлатл.

Во однос на очекувањата и желбите насочени кон македонската влада се подобрување на инфраструктурата, борба против корупцијата, намалување на бирократијата во смисла на постоење на директен партнер за општење во институцијата, правна сигурност.

Шефот на Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје истакна дека во секоја прилика тие ги истакнуваат нивните барања до македонската влада која се однесува проактивно, одговара позитивно, но сепак има уште многу прашања кои треба да се подобрат.Како позитвни примери ги наведе исплатата на задоцнетите пари од тендери кои две австриските фирми ги добиле, како и драматично подобрување на одредени состојби со царинските служби.

Шлатл истакна дека Трговското одделение исто така посредува во остварување на контакти и соработка меѓу австриските и македонските фирми во повеќе сектори. Кон средината на октомври такви „би ту би„ средби ќе бидат остварени во Австрија меѓу домашните и австриските компании од областа на производство и дилерство на храна и пијалоци.

Според најновата официјална статистика на Народната банка, вкупниот износ на австриските директни инвестции во земјава изнесува 437 милиони евра до крајот на вториот квартал за 2014 година.

Австрија е трет најголем инвеститор во земјата по Холандија и Грција.