Белата куќа објави дека Трамп е отворен за потпишување на законот за јакнење на санкциите против Русија

Белата куќа објави во неделата дека американскиот претседател Доналд Трамп е отворен за потпишување на законот за заострување на санкциите против Русија.

Демократите во Конгресот во саботата објавија дека постигнале договор со републиканското мнозинство за воведување на нови Санкции против Русија, Иран и Северна Кореја.

Тоа се смета за сигнал за решителноста на Конгресот да го задржи остриот став кон Русија, без оглед на ставот на претседателот Доналд Трамп кој смета дека решавањето на невралгичните прашање во светот не е можно без соработка или помеки односи со Москва.

Законот би овозможил носење нови санкции против Русија поради наводното нејзино мешање во судирот во источна Украина и поради наводното мешање во ланските американски претседателски избори. Законот, исто така, би го оневозможил претседателот Трамп да ги ублажи санкциите против Москва.

Нацрт законот вклучува и можни нови санкции против Иран и Северна Кореја. Тој веќе мина во Сенатот, а Претставничкиот дом за него би требало да гласа во вторник

Неименуван функционер од Белата куќа изјавил дека ставот на администрацијата за законот се променил по внесувањето на измените, меѓу кои се додадени и санкциите против Северна Кореја. Истакнал и дека администрацијата „ја поддржува насоката кон којашто оди законот“, но дека нема да го даде својот конечен став сѐ додека тој не биде готов, пренесува Reuters.

Претседателот Трамп наиде на отпор и кај републиканците и кај демократските пратеници во намерата да го исполни предизборното ветување за затоплување на односите со Русија. Неговата администрација е окупирана со истрагата за можната поврзаност на неговата изборна кампања од 2016 година со руската влада. Трамп решително ги отфрла можностите дека неговиот изборен штаб контактирал и договарал нешто со Москва.