Четири деца и две жени нападнати од куче во Аеродром

Четири деца и две жени ноќта во петокот во период од 20 до 2 часот по полноќ биле искасани од куче, а полицијата по пријавата на случаите ја известила шинтерската служба.

Од Министерството за внатрешни работи во саботата утрото информираа дека инцидентите се случиле во населба Аеродром меѓу булеварите „Јане Сандански“ и АСНОМ“.

Од кучето скитник каснати биле четири деца на возраст од 10 до 14 години, како и две жени на возраст од 40 и 44 години.

Според пријавата првиот напад бил на 40-годишна жена на булевар АСНОМ која кучето ја каснало во пределот на ногата.

Вториот случај е 11-годишно девојче кое е каснато на булеварот „Јане Сандандски“ во пределот на левото рамо и лева надлактица.

Третото дете кое било нападнато и каснато од кучето во подколеницата на десната нога е 13-годишно момче на булеварот АСНОМ. На булеварот, исто така, е и четртиот случај во кој е каснато 14-годишно момче во пределот на подколениците на двете нозе.

Со повреди се здобила и 44-годишна жена која заедно со своето дете и уште две други малолетни деца се движеле по булеварот АСНОМ.

Според пријавата во полицијата кучето агресивно ги нападнало, жената во обид да ги одбрани децата била касната во левата рака, а едно од децата на возраст од 10 години било каснато во десната нога под коленицата.