ДУИ против „владината програма“ на Заев

Демократската унија за интеграција не се согласува со Програмата за Влада како што претседателот на СДСМ, Зоран Заев го нарече политичкиот памфлет којшто денеска го презентираше на прес конференција.

Портпаролот на интегративците, Бујар Османи вели дека не се согласни со Заев особено за ставот дека новата влада којашто евентуално би ја предводел Заев нема да воведува двојазични банкноти и униформи во полицијата и војската.

„Во однос на денешните ставови не се согласуваме дека двојазичните банкноти и униформи се неуставни. Ние сметаме дека се целосно во рамките на Уставот како што и пасошите кои се користат низ цела територија па и надвор се двојазични со децении”, вели Османи.

Заев на прес конференцијата рече дека во програмата на Владата која би ја формирале СДСМ и ДУИ нема да влезат барањата на македонскиот денар да биде испишан и албанскиот јазик, како и тоа амблемите на припадниците на безбедносните сили исто така да бидат двојазични.

Како што е познато, СДСМ и ДУИ веќе имаат договор за формирање Влада, но дали по денешната презентација на Заев и отвореното спротивстваување на ДУИ на делови од нејзината содржина се отвора прашање дали ДУИ и другите албански партии кои евентуално би биле дел од владината коалиција ќе прифатат соработка со Заев без да бидат прифатени и спроведени барањата од Тиранската платформа.

Отфрлањето на платформата беше актуелни изминативе неколку денови и се наметнуваше како опција. Но, сепак од штабовите на трите партии потписнички – ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА ги реафирмираа ставовите дека немаат намера од отстапат и дека платформата останува ултимативен услов за формирање Влада.