„Дуинг бизнис“ – Потврда дека според СБ Македонија е најдобра земја во Југоисточна Европа за водење бизнис

Информацијата што вчера беше објавена за најновиот извештај на Светска Банка, „Дуинг бизнис 2016“ е податок што е извонреден за Република Македонија, и уште една потврда дека според Светската Банка и ИСФ Македонија е најдобра земја во регионот на Југоисточна Европа за водење бизнис, шеста е во Европа и 12-та во светот во конкуренција на 189 земји.

Ова го потенцира заменик претседателот на владата и министер за финансии Зоран Ставрески, во одговор на пратеничко прашање.

Тој посочи дека овој индекс „Дуинг бизнис“ е еден од индексите кој што има најголемо реноме и најчесто е следен од инвеститорите, од причина што е доста комплексен индекс и неговото рангирање вклучува анализа на десет области, десет индикатори кои што се значајни за водење на бизнис и кои што ги мерат условите за инвеститорите во сите земји во светот.  Тоа подразбира индикатори за основањето на фирма, плаќањето на даноците и висината на даночните стапки, заштита на акционерски права, градежни дозволи, функционирањето на системот за спроведување на договори, прекуграничната соработка, односно условите за извоз и увоз, итн.  Како што посочи, индексот ги следи условите за водење бизнис на практичен начин.

Не само следејќи ја регулативата, туку и имплементацијата на таа регулатива во пракса. Како таа законска регулатива се спроведува во пракса. Индексот се добива на тој начин што се спроведуваат опсежни длабински анализи на терен, преку стотина консултанти кои што се присутни на терен и разговараат и со бизнисмените и со консултантските куќи и со правните куќи и на тој начин ја прават анализата за реалните услови за водење бизнис, а не само врз инфромација што ја добиле од властите во една земја за тоа што е променето во регулативата. Значи се работи за индекс којшто вистински ја отсликува реалната саитуација на терен, дали таа регулатива  реално се применува и кои се резултатите од таа регулатива во пракса. Токму затоа задоволството е поголемо што во најновиот извештај РМ е рангирана на 12-то место во светот, во конкуренција на 189 земји, рече тој.

Ставрески уште еднаш потенцира дека дури 24 земји членки на ЕУ се најдоа зад Македонија, а само пет земји од ЕУ се подобро рангирани пред нас.

Никој не треба да го интерпретира дека македонската економија е посилна од овие економија, но треба да го интерпретира дека македонската економија има подобри услови за водење на бизнис и за нови инвестиции и за нови работни места од овие економии што се зад нас, рече тој.

Ставрески потенцира дека во делот на регионалната анализа по петти или шести пат Македонија е прогласена за лидер во реформите и Топ реформатор во Регионот, бидејќи сите земји во регионот се зад нас. Исто така, како што напомена, мошне значајно е тоа што Македонија бележи напредок во речиси сите индикатори, и секоја година од 2006 до 2015 остварен е континуиран напредок. Во 2006-тата земјата беше рангирана на 94-то место, а денес на 12-тото место, што според Ставрески е импозантен напредок и, како што рече, уште позначајно е што секоја година сме подобри од претходната.

Одговарајќи на дополнително пратеничко прашање за тоа дали подобрувањето на бизнис климата има директно влијание врз економијата на земјата, Ставрески посочи:

 

Влијанието врз економијата на условите за водење бизнис секако е големо. Резултатите над економијата не доаѓаат случајно и се производ на создавањето на добра бизнис клима, на подобрувањето на инфраструктурата и на подобрувањето на квалитетот образованието, бидејќи сите тие фактори се релевантни за добивање на добри услови за домашните фирми и за странски. Затоа ние како влада пристапивме кон решавање на сите овие проблеми истовремено.

Како што рече резултатите на македонската економија најдобро говорат за влијанието за подобрувањето на бизнис климата врз самата економија.

Ако овие услови за водење бизнис не се преточеа во позитивни економски резултати на раст на БДП, на странски и домашни инвестиции и на отварање на нови работни места веројатно ќе беше одговорот дека нешто во целиот амбиент не е нешто како што треба.

Меѓу овие позитивни резултати на македонската економија, вицепремиерот ги посочи позитивните стапки на раст на БДП во последните девет години, политиките на ниски трошоци, како и намалувањето на  стапката на невработеност на 26, 8 проценти што, како што потенцира, историски гледано е најниско ниво на невработеност од кога се мери стапката на невработеност.

Целта, како што посочи Ставрески, е уште поголемо намалување на невработеноста, односно нивото на невработени лица во земјава да се спушти под 22 проценти до крајот на 2017-та или на  почетокот на 2018-та година.